За разлика од северната хемисфера, во текот на август и септември на јужната хемисфера зимата завршува и започнува пролетта. Во тој период од годината температурите се малку пониски во Јужна Америка. Но, поради климатските промени, реалноста во периодот зад нас беше нешто поинаква, пишува „Клима101“.
Милиони луѓе на јужноамериканскиот континент во изминатите два месеца страдаа од смртоносна топлина, која е потипична за летото. И како што пресметале научниците од групата „Ворлд ведер атрибјушн“, ваквата врела зима била најмалку 100 пати поверојатна поради затоплувањето на планетата.
Меѓутоа, влијанието на зголемувањето на температурата за време на оваа специфична епизода на екстремна топлина оди подалеку од тоа: настанот бил за 1,4-4,3 Целзиусов степен потопол отколку што би бил во отсуство на согорување на фосилни горива, според авторите на студијата изработена во краток рок.
Во Бразил, Боливија, Парагвај и Аргентина живата на термометарот помина над триесеттата, но и четириесеттата поделба. Топлината предизвика значителна штета на плантажите со кафе и зеде најмалку четири човечки животи.
– Загрижувачки е тоа што температурите над 40 Целзиусови степени во пролет стануваат вообичаени во многу делови од светот. Тоа е реалноста на нашата клима, која брзо се загрева. Секоја година доживуваме сѐ поопасни топли денови – рече Ајзедин Пинто од Кралскиот метеоролошки институт на Холандија.
Иако е можно природниот феномен Ел Нињо да придонел за временските услови, според истражувачите, неговиот придонес за екстремните горештини е многу мал во споредба со климатските промени.
Во денешната клима, околу 1,2 Целзиусов степен потопла отколку во прединдустриската ера, годинешната топла ситуација во Јужна Америка може да се случи еднаш во 30 години.
Но, при глобално затоплување од 2 Целзиусови степена, ситуацијата би можела да биде уште подраматична. Јужна Америка се очекува да биде само дел од пошироката глобална слика, која е еднакво алармантна: светот го доживеа најжешкото лето досега, проследено со најтоплиот септември досега, кога имаше најголема забележана температурна аномалија. Имено, просечната септемвриска температура била повисока за цели 1,75 Целзиусов степен од просечниот „прединдустриски“ септември.
Следствено, оваа година би можела да биде најтоплата откако се водат записи, предупреди службата за климатски промени „Коперник“. Екстремните топлински налети ќе бидат пет пати поверојатни од денешните, како и за 1,1-1,6 Целзиусов степен поинтензивни.