Песни што ме тераат да играм

Ете, и тоа се случи. Најинтелектуалната група напиша песна за љубовта, насловена „This Must Be the Place (Naive Melody)“. И тоа не каква било обична песна за љубов и разделба, трагедија или возвишување на љубовта, за плачење или смеење, радост и тага. Не, ова се „Токинг хедс“ со неговото височество – лидерот Дејвид Брн и затоа мора да е нешто различно, посебно, а не клише. Дејвид создава музичка и визуелна слика за една прва вистинска бескомпромисна љубов, во која тој се испитува себеси. Тој е интелектуалец и не верува дека Аморовата стрела тукутака ќе го погоди, уверен е дека неговите одбранбени механизми имаат контрола на сѐ. Но, всушност, Дејвид е исплашен од самиот себе, како мало дете ѕирка низ големиот прозорец, не знаејќи колку неговата љубов е стабилна. Неговите размислувања и преиспитувања се преплетени во песната: „Нозе на земја, глава во небо, добро е, знам дека ништо не е во ред… ништо“. Не е ова негова прва девојка, но е вистинската што ја запознава кога групата оди на турнеја во Јапонија, во 1982 г. И таму се појавува таа, Адел Лутз, дизајнерка на облека и глумица (ете зошто Дејвид има различни комбинации на дизајнирана облека, тие прекрасни чудни комбинации на облека може да се видат на нивните живи концерти преточени во видеа). Неколку години се заедно, за некаде во 1987 г. да се венчаат и да добијат ќерка. Неверојатен ритам предводен од Тина Вејмаут (бас), Џери Харисон (гитара, клавијатури), Kрис Франц (тапани) и Дејвид (лидер, автор, текстописец) ја прават првата конструкција на песната. Потоа Дејвид го пишува текстот и на крајот ја снимаат на албумот „Speaking In Tongues“ од 1983 г. Овој бисер на почетокот не беше препознаен како голем потенцијал, но со текот на времето песната си го доби своето место. Заразниот ритам во афробит-стил, придружните вокали, вокалот и текстот на Дејвид ја прават една од најубавите љубовни песни што се напишани. Продуценти се самите „Токинг хедс“, иако нивните претходни остварувања беа продуцирани од Брајан Ено. Една од најобработуваните песни во туѓа изведба, користена е и во повеќе филмови.
Ритамот и текстот се толку заразни, така што кога се движам по скопските улици рефренот прави да се чувствувам како да сум на местото каде што се раѓа светот: „И сакај ме сѐ додека срцето не ми застане, сакај ме додека не умрам, очите што сјаат, очите што гледаат низ тебе…“

Љупчо Давчев