Фото: Маја Јаневска-Илиева

Препорачуваме да го чувате вашиот двор уреден за да не создадете места што змиите би ги користеле како засолниште, а кога се движите во природа да имате стапче и соодветни планинарски обувки, препорачуваат од МЕД

Поради објавата за поголемо присуство на змии во околината на Скопје, МЕД ги информира граѓаните дека голем дел од змиите што ги среќаваат на Водно или покрај реки и вода не се отровни и не се опасни по здравјето на луѓето. Истовремено сакаат да потсетат за корисната улога на овие животни во природното контролирање на глодачите, кои се дел од нивната главна исхрана.

Во Македонија постојат 16 вида змии, од кои само три вида се отровни. Единствено поскокот може да се сретне во урбани средини, а шарката и степската лутица (види фото) се присутни само на надморска височина поголема од 1.500 м, и тоа само на некои планини во земјава.
– Многу смокови се шарени, па често погрешно се нарекувани шарки. Единствената отровница што е широко распространета кај нас е поскокот, кој, пак, лесно се препознава по рогот на врвот од главата, шарите во форма на баклави на грбот (обоени во најразлична варијација на црно, сиво, црвено, кафено, портокалово, жолто – погледнете кратко видео тука) и големината – поскоците ретко достигнуваат должина поголема од 70 см, но најчесто се среќаваат единки од околу 50 см. Доколку змијата е подолга од 1 м, таа е безопасен смок. Во Македонија има дури 11 различни вида смок, една боа (малечка здепаста змија што главно живее под земја и може да се сретне само во крајните југоисточни делови од државата) и една црвовидна змија, која е целосно безопасна, и секој лаик на прв поглед би помислил дека е црв – информираат од МЕД.

Според Драган Арсовски, биолог од МЕД, доколку се постапи на правилен начин, дури и при каснување од змија отровница, луѓето би поминале без компликации.
– Доколку се случи каснување од поскок, ако човекот нема други здравствени проблеми и се јави за медицинска помош истиот ден, тој би поминал без никакви компликации по здравјето – изјави Арсовски.

Инаку, напролет ладнокрвните влечуги излегуваат од долгиот зимски сон (хибернација) и се најактивни бидејќи тогаш е нивниот период за размножување, односно се во потрага по партнер. Затоа, во овој период се и најчести средбите со овие животни. Еден од најраширените митови за змиите е дека се најактивни кога е најтопло. Змиите, како и најголемиот број влечуги, не можат да ја контролираат сопствената температура, па тоа го прават преку сончање или барање засолниште. Кога е многу ладно тие може да замрзнат, па затоа се засолнуваат и хибернираат, додека пак кога е претопло тие се во опасност од прегревање и смрт, поради што исто така бараат засолниште и во екстремно топли периоди може целосно да ја намалат својата активност и да влезат во т.н. летна хибернација, односно естивација.

Налето, најчесто може да ги видиме змиите само непосредно по изгрејсонце (помеѓу 5 и 7 часот), а некои безопасни видови се исто така активни на зајдисонце или дури и навечер. Змиите најчесто веднаш бегаат при средба со човек. Тие немаат изострено сетило за вид, па понекогаш може да се случи да бегаат во правецот на самиот човек и ова може да биде погрешно протолкувано како напад. Отровниците, како што е поскокот, најчесто се укочуваат при средба со човек. Во овој случај, слободно земете долг стап и отстранете ги од просторот. Во Европа не постојат змии што активно напаѓаат за одбрана на својата територија или гнездо – каснувања се случуваат исклучиво кога ненамерно ќе се приближиме (на пр. при згазнување со боса нога или земјоделски активности близу земјата или на ниски гранки каде што знаат да се камуфлираат добро).

Како и поголемиот дел од биодиверзитетот, така и змиите не се снаоѓаат добро во урбани средини и лесно завршуваат под тркалата на колите. Така, средбите со змии се среќаваат во делови од градот што се блиску до природа (на пр. подножјето на Водно или приградските места) каде што нема голем метеж, но човечката активност може да привлече поголем број глодачи, кои се нивен оброк.
– Всушност, може да се каже дека не се змиите оние што доаѓаат во нашите градови, туку со градежната експанзија, ние навлегуваме во нивните природни живеалишта, како што е Водно. Во централните делови од градовите понекогаш може да се сретнат водни змии, особено покрај реки и бари. Другите змии доколку залутаат во овие делови од градот, ретко преживуваат доволно долго. Водните змии се всушност смокови што се исхрануваат со риби и водоземци и затоа не е неочекувано да се сретнат по кејот во Скопје, особено покрај Градскиот парк, и се целосно безопасни – додава Арсовски.

Змиите играат клучна улога во нашите екосистеми, првенствено како контрола на популациите на глодачи (како што се глувците) и се екстремно корисни. Голем број змии се хранат со други змии, односно ги контролираат нивните популации. Ова е точно и за поскокот, кој често се исхранува со младите од други змии. Така, убивањето на змиите, всушност, често би значело и зголемување на популација на друг вид змија.
– Нема никаков научно докажан ефект од продуктите што се рекламираат и продаваат како средства против змии и истите тие може само да предизвикаат загадување на околината, така што не ги препорачуваме. Во Македонија не постои сервис за отстранување змии, главно бидејќи едноставно не постојат видови што се многу опасни. Инаку, МЕД ги проучува природните популации од овие животни. Препорачуваме да го чувате вашиот двор уреден, за да не се создадат места што змиите би ги користеле како засолниште, а кога се движите во природа да имате стапче и соодветни планинарски обувки – препорачуваат од МЕД.