Археолозите во Грција открија винарска визба стара 1.600 години, која била уништена и напуштена по „ненадеен настан“, веројатно земјотрес или уривање на зграда, оставајќи скршени садови и 60 монети расфрлани на подот, покажуваат новите истражувања. Продавницата функционирала во времето кога Римската Империја го контролирала регионот. Пронајдена е во античкиот град Сикион, кој се наоѓа на северниот брег на Пелопонез во јужна Грција. Во винарската визба археолозите пронашле расфрлани монети, како и остатоци од мермерни плочи и садови од бронза, стакло и керамика.
Винарската визба е пронајдена на северниот крај на комплексот, во кој имало низа работилници што содржеле печки и инсталации што се користат за пресување грозје или маслинки, забележале археолозите во трудот презентиран на годишниот состанок на Археолошкиот институт на Америка, кој се одржа од 4 до 7 јануари во Чикаго.
– За жал, немаме никакви директни докази за видовите вино што можеби се продавале. Имаме некои докази за семки од грозје (Vitis vinifera), но не можеме да кажеме ништо поконкретно од тоа во овој момент – рече Скот Галимор, вонреден професор по археологија на универзитетот „Вилфрид Лориер“ во Канада, кој е коавтор на статијата со Мартин Велс, вонреден професор по класици на колеџот „Остин“.
Освен вино, продавницата можеби продавала и други производи, како што е маслиново масло.
– Повеќето од монетите датираат од владеењето на Констанциј Втори, од 337 до 361 година, а последната монета е искована некаде помеѓу 355 и 361 година – изјави Галимор за „Лајв сајенс“.
Се чини дека винарницата претрпела „ненадеен настан“, што резултирало со нејзино уништување и напуштање. Шеесетте бронзени монети пронајдени на подот се од последните моменти на продавницата.
– Сите монети беа пронајдени на подот од продавницата, расфрлани наоколу. Тоа укажува дека тие изгледа биле чувани заедно како некаква група, или во керамички сад или некаква вреќа. Кога продавницата била уништена, тој сад се чини дека паднал на подот и монетите се растуриле. Не сме сигурни за каков настан станува збор, можеби земјотрес или уривање на покривот поради условите на околината, како што се премногу врнежи од дожд. По уништувањето, луѓето фрлиле остатоци и талог, но не бил направен напор да се извади нешто од нив – рече Галимор.
Комплексот чиј дел е дуќанот се чини дека бил напуштен во почетокот на петтиот век, веројатно во времето на настанот.