Фото: Горан Анастасовски

Во 1941 година паркот го добива својот конечен облик. Систематското уредување на вториот дел од паркот започнува со поставувањето на д-р Славко Караман за директор на Зоолошката градина. Во негово време е изработен системот за наводнување, кој ја користи водата од реката Вардар, изработени се пешачки патеки и збогатена е флората во паркот

Знаменитостите на Скопје

Македонската традиција на градини и одгледување цвеќиња е повеќевековна, но појавата на зелените површини како јавни паркови за пошироката јавност датира од 19 век и почетокот на 20 век, кога се сретнуваат и првите извори за Градскиот парк во Скопје. Неговиот зачеток е во времето на скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша, веднаш по изградбата на занаетчиското училиште „Ислахане“, во негова непосредна близина. Почетната зелена површина зафаќала простор од околу 16.000 квадратни метри, а дел од оваа прва локација на паркот постои и денес, односно делот околу ресторанот „Кермес“.
Во текот на 20 век се преземени повеќе активности што доведуваат до денешниот негов лик. Во 1923 година австриски градинар го проширува паркот кон Зоолошката градина, а инженерот Протиќ организира Управа за градско зеленило и го проширува паркот според принципите на т.н. Француска школа. Во 1931 година, Градскиот парк го зазема целиот простор до каналот во непосредна близина на насипот, а во 1933 година се уредуваат сите патеки низ целиот Градски парк. Во 1941 година паркот го добива својот конечен облик. Систематското уредување на вториот дел од паркот започнува со поставувањето на д-р Славко Караман за директор на Зоолошката градина. Во негово време е изработен системот за наводнување, кој ја користи водата од реката Вардар, изработени се пешачки патеки и збогатена е флората во паркот.
По ослободувањето на Скопје, заедно со општата изградба и обнова, започнуваат и обновата и проширувањето на паркот.

Во овој период неговата површина се зголемила на 114 хектари. На 21 јули 1948 година, градено во само два месеца, свечено е пуштено во сообраќај пионерското вовче, од почетната станица во Градскиот парк. По земјотресот се пристапило кон регулација на коритото на реката Вардар за да се спречат идни поплави. Како резултат на тоа се спуштило нивото на подземните води, што довело до сушење на старите дрвја и пропаѓање на новиот дел. Во 1970 година, насипот бил завршен и паркот набргу го добил денешниот облик.
Денешната површина што ја зазема Градскиот парк е 486.000 квадратни метри и се простира помеѓу улицата Ленинова од исток, булеварот Октомвриска револуција од запад, реката Вардар од север и булеварот Илинден од југ.
Градскиот парк се одликува со посебно ретки и квалитетни насади. Вегетацискиот состав е изграден главно од видовите што му припаѓаат на јужноевропското средоземно подрачје. Но се среќаваат и видови од речиси сите страни на светот. Вреди да се издвои гинкото (Ginkgo biloba), последен вид од одамна исчезнатото семејство (Ginkoaceae), жив фосил од 150 милиони години! Во Градскиот парк се среќава и Sequoiadendron giganteum или џиновска секвоја, за која се вели дека е најголемиот жив организам на планетата! Може да достигне 90 метри во височина и 11 метри во дијаметар.

Животинскиот свет е составен дел од фауната на Скопската Котлина, односно животните што денес се среќаваат во паркот го населувале ова подрачје и пред неговото формирање. Во Градскиот парк може да се сретнат над 90 вида птици, од кои дел се гнездат во него, а дел го користат како попатна станица при нивната миграција. Меѓу другите, можат да се сретнат видови како зелен клукајдрвец, пупунец, ќук, па и некои ретки како што е малиот корморан.
Од цицачите, често и во присуство на луѓе, можат да се видат верверици и ежиња, а по тревниците куповите земја што ги исфрлаат кртовите при копање на нивните ходници. Во езерцата и каналите во паркот живеат неколку вида жаби и тритони, а често може да се забележи и змијата белоушка, која се храни со нив. Од рептилите значајно е присуството на скопскиот гекон, кој излегува навечер околу светлината на околните објекти каде што лови мушички. Во летните месеци паркот е дом на огромен број инсекти, од кои како поинтересни може да се издвојат еленчето, неколку вида богомолки, скакулци и пеперутки. Д.Ст.