Фото: Пиксабеј

Вирусите заробени во вечниот мраз на Арктикот во Сибир, поради сѐ побрзото топење на мразот поради климатските промени, би можеле повторно да се активираат и да предизвикаат нова застрашувачка пандемија, предупредуваат научниците.
Истражувачите изолираа соеви на т.н. метузалемски микроби или зомби-вируси, кои предизвикаа страв од глобално ширење на опасните болести од далечното минато.
Научниците почнаа да планираат формирање мрежа за надзор на Арктикот, која точно ќе ги идентификува раните случаи на болести предизвикани од антички микроорганизми.
– Во моментов, анализата на заканата од појава на пандемија е фокусирана на болести што би можеле да се појават во јужните региони, а потоа да се шират на север. Малку внимание е посветено на епидемијата што може да потекнува од далечниот север, а потоа да се прошири на југ, што верувам дека е превид. На северот има вируси што имаат потенцијал да заразат луѓе и да започнат нова епидемија – вели генетичарот Жан-Мишел Клавери од универзитетот „Екс-Марсеј“, пишува „Гардијан“.
Марион Купманс, виролог од медицинскиот центар „Еразмус“ во Ротердам, вели дека не знаеме кои вируси лежат во вечниот мраз, но смета дека постои реален ризик да има некои вируси што би можеле повторно да се активираат и да предизвикаат пандемија.
– Мораме да претпоставиме дека такво нешто може да се случи – рече Купманс.
Во 2014 година, научниците открија вируси што со милениуми биле заробени во сибирскиот вечен мраз и кои можат да влијаат на живите едноклеточни организми. Најновото истражување, чии резултати беа објавени минатата година, покажа дека постојат повеќе видови вакви вируси, а се пронајдени на седум локации во Сибир. Се претпоставува дека најстариот вирус откриен досега е стар 48.500 години.
Досега овие вируси ги погодуваа само едноклеточните организми и амебите, но научниците предупредуваат дека постои можност вирусите, кои сѐ уште не се откриени, да предизвикаат болести кај луѓето.