Фото: Принтскрин

Актерот доби забрана за присуство на церемонијата во следните 10 години

Актерот Вил Смит доби 10-годишна забрана да присуствува на церемонијата на „оскарите“ и другите настани на Академијата за филмска уметност, по инцидентот што го предизвика минатиот месец, пренесуваат американските медиуми.

Во соопштението на Академијата се наведува дека 94-та церемонија на доделување на најпрестижните филмски награди била засенета од неприфатливото и штетно однесување на Смит на сцената.

– Забраната има за цел да ги заштити изведувачите и гостите, и да ја врати довербата во Академијата – гласи објаснувањето за одлуката.

Во соопштението се наведува дека во моментот кога Смит му удри шлаканица на Крис Рок, Академијатата била неподготвена за таква случка без преседан. Од Академијата упатија извинување за справувањето со ситуацијата за време на директниот пренос.

– Во текот на телевизискиот пренос, не ја адресиравме адекватно ситуацијата. За ова ни е жал. Ова беше можност за нас да дадеме пример за нашите гости, гледачи и семејството на Академијата ширум светот, а ние потфрливме – неподготвени за ваков преседан – порачуваат организаторите на церемонијата.

Академијата му се заблагодари на комичарот Рок што ја задржал својата присебност и смиреност под вонредни околности.

Смит му удри шлаканица на Рок откако комичарот се пошегува за изгледот на сопругата на Смит, Џејда Пинкет Смит.

Набргу по инцидентот, Смит доби „оскар“ за најдобар актер, за толкувањето на улогата на Ричард Вилијамс, таткото на тениските ѕвезди Венус и Серена, во филмот „Крал Ричард“.

Вил Смит за „Си-ен-ен“ накратко ја коментираше одлуката на Академијата.

– Ја прифаќам и ја почитувам нивната одлука – рече тој.