Во организација на извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес, годинава по 25-ти пат ќе се одржи уникатната Вардарска регата – шестдневно авантуристичко патување по реката Вардар, кое ги спојува природната убавина, историјата и пријателствата низ границите. Регатата ќе се одржува од 19 до 24 јуни.
– Ќе запловиме десет пловила и се надеваме дека нема да пловиме и да весламе по високи температури и по 50 степени на сонце и жега, но сепак треба да се весла, благодарност до централите на ЕСМ, кои ни се ветер во грб и ни овозможуваат добар водостој на Вардар. Тоа што за нас беше несфатливо и што не можевме да веруваме и дека реката Вардар е една низ Македонија, друга низ Грција. Во Евозни се сретнуваме со река Вардар што е непозната за нас. Таму не среќаваме ниту пластично шише, ниту отпад како во Македонија по големите дождови. Реката низ Грција е максимално еколошки заштитена, немаше отпадна индустриска вода насочена во неа. Сепарации какви што гледаме тука не постојат, таму е друга технологија, која не го менува текот на реката, не ја уништува – вели Ангелче Гушев, организатор и капетан на Вардарската регата.
Од клучно значење за оваа мисија се и грчките извидници од Солун, кои веќе пет месеци претходно со велешките извидници го координираа секој чекор од регатата. Тие обезбедија сместување, храна, вода, логистика – но и нешто уште поважно: пријателска рака, соработка и почит.
Во завршницата, регатата поминува низ делтата на Вардар – заштитен птичји резерват каде што во јуни се одвива размножувањето. Тука учесниците со посебна грижа го почитуваа природниот баланс, покажувајќи дека вистинската авантура не се мери само во километри туку и во односот кон природата.
Регатата не е само патување по вода – туку враќање кон корените. Велешките гемиџии, трговци од 18 и 19 век, ги полнеле гемиите со уникатни продукти како шарлаган (масло од афион), катран (фармацевтски исцедок) и сахтијан (козја кожа за луксузна облека).
– Во време кога луѓето забораваат на реките, Вардарската регата нè потсетува дека водата не е само природен ресурс туку жива врска меѓу култури, генерации и народи. Таа е мост – од Велес до Солун, од традиција до современост, од борба до заедништво. И следната година повторно по патот на гемиите – велат организаторите.