ТВ-серијата за славниот лик Хари Потер, која би требало да се појави во 2026 година, ќе има седум сезони, а секоја сезона ќе адаптира по една книга од авторката Џ.К. Роулинг. Последната телевизиска адаптација на книгите за Хари Потер излезе во 2011 година, вториот дел од филмот „Хари Потер и реликвиите на смртта“. Првиот дел од ТВ-серијата за Хари Потер ќе биде достапен на платформата за стриминг Max (претходно HBO Max). Дејвид Заслав, претседателот на „Ворнер брос“, зборуваше за новата серија пред медиумите, по договорот со шефовите на HBO и Max и со Џ.К. Роулинг.
Актерската екипа сѐ уште не е позната, но нема да играат истите актери од филмовите. Актерот Даниел Редклиф изјави дека не планира да глуми во новата серија.
– Не верувам. Се разбира, сè што прочитав за серијата е нов почеток, така што ми е малку чудно да се појавам… Мислам дека Хари Потер отсекогаш требаше да биде како Шерлок Холмс… Веројатно има осумгодишно дете чиј живот ќе се промени за неколку години – изјави тој.
Ј.К. Роулинг во изминатите неколку години го привлече медиумското внимание со своите изјави за транс-популацијата. Минатата година, на социјалната платформа Х, таа им одговори на луѓето што не ја поддржаа новата ТВ-адаптација на Хари Потер поради нејзините изјави.
– Активистите се обидуваат да организираат уште еден бојкот на мојата работа, овој пат на ТВ-серијата „Хари Потер“ – изјави таа.
Книгите и филмовите за Хари Потер достигнаа голема популарност. Во текот на 25 години, серијалот е продаден во 600 милиони примероци на дури 85 јазици. Со тоа стигна до титулата најпродаван серијал на сите времиња. Филмовите заработија повеќе од 7,7 милијарди долари.