Фото: пиксабеј/илустрација

Парче од брод беше исфрлено на брегот во Њујорк кога тропската бура Иан го погоди тој дел од САД, и ги воодушеви историчарите и поморските експерти кои велат дека најверојатно му припаѓал на паробродот Савана, кој по две години откако стана првиот параброд кој го премина Атлантскиот Океан во 1821 година, се насука на тој дел од САД – објави Гардијан.

Парчето со големина од четири метри квадратни за прв пат било забележано на брегот на Огнениот остров, мал остров јужно од Лонг Ајленд.

– Тоа беше многу возбудливо откритие. Експертите за поморска историја сигурно ќе треба детално да испитаат и да утврдат што точно имаме – вели Бетси Демарија, техничар на музејот на Огнениот остров.

Дрвените штипки што ги држат клиновите одговараат на оние што се наоѓале на бродот долг 30 метри. Дополнително, железните шилци во штиците укажуваат на тоа дека бродот бил изграден околу 1820-тите. Савана прв пат запловил во 1818 година.

Иако е тешко со апсолутна сигурност да се утврди дека дел од остатоците и припаѓаат на Савана, експертите велат дека најверојатно тоа е така.

Истражувачите по два века откако потонал Савана никогаш не пронашле дел од познатиот брод. Новооткриениот дел од потонатиот брод, сепак, може да го промени тоа.

– „Савана“ го премина Атлантскиот Океан од мај до јуни 1819 година за 29 дена и 11 часа и стана првиот брод што го направил тоа делумно напојуван од парна енергија. Дури дваесет години подоцна британските парабродови „Грејт вестерн“ и „Сириус“ го преминаа Атлантикот исклучиво на парна сила.