Фото: Пиксабеј

Студија објавена во списанието „Нејчр“ сугерира дека Алцхајмеровата болест еден ден ќе може да се третира со блесоци на светлина и звуци. Научниците од Технолошкиот институт во Масачусетс покажале како високофреквентната стимулација на мозочните бранови кај глувците може да ги исчисти наталожените амилоидни протеини, чие присуство е поврзано со Алцхајмеровата болест.
Претходните истражувања покажале дека стимулирањето на мозочни гама-бранови со висока фреквенција може да ја подобри способноста на мозокот да го исчисти „отпадот“, кој веројатно придонесува за невродегенеративни болести. Студијата внимателно го разгледува тој механизам.
Трепкањата на светлината и звуците со фреквенција од 40 пати во секунда помагаат да се исчистат амилоидните протеини од лимфниот систем на мозокот. Акумулацијата на амилоид протеин е забележана кај луѓето со Алцхајмерова болест, иако научниците сѐ уште не се сигурни дали тоа е директната причина за болеста.
Кога користеле светлосна и звучна гама-стимулација кај глувци, научниците забележале зголемување на заштитната цереброспинална течност. Пулсирањата во соседните артерии исто така се зголемиле, зајакнувајќи ја способноста на мозокот да го исчисти биолошкиот отпад. Тие биолошки реакции претставуваат корисни информации за научниците што се обидуваат да дознаат повеќе за точната причина за Алцхајмеровата болест и како таа да се третира.