Фото: Buli

„Трескавец“ е манастир во областа Пелагонија, на 10 километри од Прилеп. Се наоѓа на надморска височина од 1.280 метри, меѓу карпите под Златоврв. Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево. Манастирот „Tрескавец“ е еднокорабна градба, со тристрана олтарска апсида на исток и бочни капели, посветен на Успението на Пресвета Богородица, изграден во 13 век на остатоците на ранохристијански храм, кој во 14 век бил обновен и даруван од српскиот Стефан Урош Втори, а царот Душан станал ктитор на манастирот по победата над Византија во 1334 година

Знаменитостите на Македонија

Манастирот „Трескавец“ бил изграден во текот на отоманската управа над ова подрачје, во архитектонски стил што се развил под влијание на византиското градежништво. Податоците за изградбата на средновековниот манастир со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, за жал, не се зачувани. Единствен извор што нѐ упатува на неговото постоење од првата половина на 13 век се Трескавечките повелби на Цар Душан, во кои е истакнато дека манастирот бил под јурисдикција на Охридската архиепископија, а во него било практикувано источноправославното монаштво под заштита на византиските владетели. Споменувањето на Душановите претходници, освен во повелбите, е зачувано и во натписот над влезната манастирска врата, каде што се насликани фигурите на владетелите Андроник Втори и Михаил Деветти. Целата сцена била целосно пресликана кон крајот на 19 век. Како дарител на манастирот се споменува и српскиот владетел Стефан Урош Втори Милутин, а подоцна царот Душан и неговиот син Стефан Урош Петти. На источниот ѕид од надворешната припрата до западниот влез во храмот бил насликан портрет на Стефан Душан, кој во 19 век бил прекриен со малтер, а потоа врз него насликан портретот на Стефан Немања.
Скрипториумот во овој манастир ја започнал својата активност уште во 14 век, а во 16 век се интензивирала работата, и на тој начин манастирот ги обезбедувал околните цркви со богослужбена литература и манастирската библиотека со нови книги. Последните книги испишани од рацете на трескавечките монаси датираат од првата половина на 18 век, по што духовниот живот во манастирот почнал да замира. Со укинување на Охридската архиепископија во 1767 година, монашкото братство се намалило, а манастирот западнал во финансиски тешкотии. Датирањето на манастирот од почетокот на 13 век се поткрепува и врз основа на архитектонската конструкција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која е доградувана во неколку фази.

Фото – Buli

Во третата деценија на 19 век, игуменот Висарион и монахот Амвросиј го изградиле покриениот дел на католиконот, а нивните ликови биле насликани во една од засводените ниши. Две децении подоцна, во 1854 година, Дичо Зограф го насликал ликот на јеромонахот Самуил, кој е еден од последните монаси што живееле во манастирот. Од втората половина на 19 век грижата за манастирот ја презеле свештениците од околните села.
Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година опис на тогашната состојба и услови во манастирот дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. При самите поли на Златоврв на една мала зарамнетост е манастирот „Трескавец“ или „Св. Богородица“ – еден од старите и богати манастири кај нас. Патникот по патот од Градско за Прилеп, штом се покаже на Плетвар, пред него живописно се издигнува игловидниот Златоврв, во полите на којшто како залепен за карпите се белее „Трескавец“. Тој има валчест, макар што неособено широк двор, среде кој е црквичката. Таа е стара, мала и со три кубиња. Средното од нив е расцепено, треснато од еден грмеж, поради што и манастирот е наречен „Трескавец“. Од сите страни е заобиколен со згради на два ката, со исклучок на јужната страна, каде што стои ниска еднокатна стара зграда. Портата е во западниот крај и над неа е издигната камбанаријата. Од Прилеп до манастирот води кривулест, скалест и каменест пат, по кој тешко се оди заседнат на коњ, а од западната страна по земјената западна падина на Златоврв, селаните од околните села Присад, Дупјачани и Небрегово идат во манастирот на чествување, по козји патеки. Манастирот е доста богат. Освен од гостите, кои многу го посетуваат како стара светост, многу народ се собира и за панаѓурот на 15 август, на кој доаѓаат луѓе од цело Прилепско, Велешко, Тиквешко и Крушевско, но главните приходи му доаѓаат од движните и недвижните имоти. Тој е под управата на прилепската општина, која од него зема приход за градските училишта 150-200 лири годишно. Д.Ст.