Игор Јовановски, организатор на „Охрид ултратрејл“

Учесниците на „Охрид ултратрејл“ по петти пат, додека го исполнуваат својот личен планински предизвик, ќе уживаат во хоризонтот над Галичица, погледот кон Охридско Езеро, бујната вегетација, мирисот на планината. Галичица повторно ќе ги нагости сите љубители на планинското трчање со својата божественост, бистрина и убавина. Трката е закажана за денеска, а 430 натпреварувачи од 32 земји ќе бидат дел од четири трки, комбинирани тешки и лесни, кратки и долги.

Какво ултрадоживување ќе им понудите на учесниците овој пат?
– Настанот оваа година ќе ги содржи трките во планинско (трејл) трчање во должина од 22, 40, 65 и 110 километри, што минуваат низ најубавите и недопрени делови на националниот парк Галичица. Со ова нудиме трка за речиси сите нивоа на психофизичка подготвеност на учесниците, а иако секоја година (освен со мали измени) трките ги организираме и се одвиваат на истите планинарски патеки, сепак природата на трејл и ултратрките е таква што ниедна трка не е ни приближно иста една со друга, па макар и на истата патека. Специфичните услови во кои се одвиваат овие авантуристички настани, самата природа, временските услови и опкружувањето се секогаш различни, па тргнувајќи од тоа, секоја година „Охрид ултратрејл“ нуди уникатно искуство, полно со предизвик и вистинска авантура за учесниците.
За која патека има најподготвени тркачи?
– Планинското трчање е доста напорен спорт, за кој навистина е потребна добра психофизичка подготвеност, па затоа би рекол дека очекувам сите наши учесници да бидат во својата топ форма. Не можеш да се појавиш на трка тукутака, едноставно мора да се вложиш за да ја поминеш патеката. Луѓето што доаѓаат на овие трки не доаѓаат само за да бидат видени и да се сликаат за социјалните мрежи, туку тоа го прават од други реални побуди и причини. Сега брзо имаше една многу добра изјава на хрватскиот тркач Павле Круљац: „За ултратрка не се тренира, ултра е начин на живот“.
Дали ова е еден од најатрактивните трејл-маратони во Македонија?
– Планината и националниот парк Галичица со местоположбата меѓу двете најголеми природни езера во Македонија и со близината на Охрид, Струга и Преспа, поради многубројните природни и историски значајности, како подрачје заштитено од УНЕСКО, со право го носи епитетот на една од најпосакуваните дестинации за прошетка, активен одмор и туризам во нашата земја.
Ако треба да го опишам теренот на кој се движат нашите трки, тогаш со неколку збора тоа би изгледало вака: див, разновиден, шарен, предизвикувачки, експониран… Значи, трките нудат минување на комбинација од шумски и високогорски предели (над 2.000 м н.в.), низ прописни тесни и тешки планинарски патеки но и лесни широки патишта, се трча на плажа, покрај неколку реки и кањони, карстни полиња на височина, а гребените се неизбежен дел од Галичица. Така што „Охрид ултратрејл“ е еден од најатрактивните настани на Балканот, не само во Македонија.
Дали се зголемува бројот на тркачи на „Охрид ултратрејл“?
– Трката започнавме да ја организираме во 2019 година и оттогаш бележи стабилен континуиран раст, иако беше развивана во еден тежок период, што поради здравствената криза, што поради други организациски тешкотии. Сега тие проблеми се надминати и оваа година во однос на минатата имаме раст од над 30 отсто повеќе пријавени, и тоа околу 60 учесници на 100 км, 50 на 65 км, 100 на 40 км и 230 на 22 км. Интересно е да се напомене дека за настанот има огромен интерес од странците, и тоа не само од околните држави туку и од далечни. Оваа година имаме претставници од 32 земји: Шведска, Финска, Данска, Норвешка, Полска, Словачка, Чешка, Тајланд, Јапонија, САД, Франција, Португалија…
Кои се вашите следни предизвици?
– Нашата најпозната трка „Крали Марко трејлс“, по една подолга пауза, ја вративме на почетокот на март, веднаш потоа го имавме шестото издание на „Водно-Матка трејлс“ на почетокот на април, крајот на мај е резервиран за „Охрид ултратрејл“, а календарот го завршуваме со „Струмина трејл“ во Штип во ноември. Кога нешто се работи со љубов и посветеност толку време, тогаш намерата и нашата основна цел – привлекување што повеќе луѓе во планинското трчање, се оформуваат и стануваат реалност. Ако пред 12 години планинското трчање беше екстремно тенка нишка на спорт резервиран за малкумина што се броеја на прсти, сега тоа е практикувано од многу поголем број луѓе редовно. Ме радува секој момент кога на моето Водно ќе начекам тркач или мала група луѓе, особено па и ако тие се некои непознати за мене, и секогаш ги поздравувам и им давам поддршка. Веќе работиме на еден проект – трки за јуниори (млади од 13 до 18 години). Очекуваме во 2024 г., во мај, во Охрид и на Галичица да ја имаме и првата јуниорска трка.

 

Фото Александар Чески