Бадник или Коледе е еден од најголемите македонски христијански празници. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Традицијата налага оваа вечер да не се оди никаде на гости, туку да се остане во домот во кругот на најблиските.
Бадник е празник кога семејството се собира заедно во домот, седнува на заедничка богата трпеза и крши лепче со паричка. Се верува дека оној кому ќе му се падне паричката целата наредна година ќе го следат здравје, успех и бериќет. Празникот е проследен со многу обичаи и адети. Постојат големи разлики во прославувањето на овој празник од едно место до друго. Бадниковата трпеза е всушност посна трпеза што го означува крајот на 40 дневните пости. На неа по некое непишано правило треба да има и солени и благи јадења и се смета дека колку е побогата трпезата, толку побогата ќе биде и годината.
Традиционално, во Македонија за Бадник се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: сарма, риба, грав, компир, зелник, овошје и друго, што според некои верувања треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.
Домаќинките, кои ја подготвуваат бадниковата трпеза, најпрво го приготвуваат лепчето со паричка. Се прават толку топчиња колку што има и членови во семејството, плус за Господ, куќата и за стоката (доколку семејството ја поседува). Се става паричката во едно од овие лепчиња и се прави погачата, односно бадниковото лепче.
Подоцна се прави зелникот. Зелникот се прави по желба со праз, зелка, спанаќ. Се прави посна сарма во која наместо месо се ставаат ореви. Се приготвува и најпознатиот македонски специјалитет – тавче гравче со црвена пиперка. Традиција е и да се пече тиква за десерт, како и посни слатки. Сите овие јадења треба задолжително да бидат посни. Не смеат никако да се изостават и овошјето и зеленчукот, како и јаткастите плодови, урмите и сувите смокви. На трпезата се става од секое јадење и бадниково гранче.
Вечерта се собира целото семејство. Oткако сите членови ќе седнат на трпезата, cе кажува молитва. По ова, најстариот член станува и го крши лепчето со паричка. Првото парче е за Господ, второто за куќата, а потоа се дели по големина: од најстариот до најмладиот член на семејството. Се бара паричката. Се верува дека доколку таа се падне во делот на Бога или куќата, тогаш целото семејство го очекува бериќетна година. Доколкy, пак, паричката е кај член од семејството, се смета дека тој ќе биде најсреќниот од сите во годината. Се става паричката во чаша вино и секој член се напива по една голтка за среќа и здравје. Виното во чашата заедно со паричката во него ја симболизира крвта на Исус Христос. Потоа започнува гозбата. Се каснува од сѐ по малку за здравје.
По вечерата, обичај е софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.