Манчестерската сцена произведе голем број музички автентични групи, кои во еден момент комплетно ја покорија светската сцена, а најголема конкуренција беше гранџот, кој доминираше во САД и пошироко. Две различни сцени, два различни континента, еден ист јазик. Гранџот асоцираше на нешто темно, беше помачо ориентиран и поблизок беше до панкот, ноисот, хеви-металот. Тој тип музика не беше соодветен за танцување, туку само стоиш во место и се тресеш, премногу сурова заробена енергија носеше во себе. Од друга страна, пак, на англискиот бритпоп, рејв-моментот, од крајот на 80-тите и почеток на 90-тите, можеше да се танцува и на рок и на рејв-начин, беше преполна со светлина нивната музика, лелеава со растреперени песни и заразни ритми и рефрен. Во еден таков момент, некаде кон средината на осумдесеттите, во Манчестер се создава групата „Стоун розес“. За многумина, најголемото откритие откако „Беатлес“ го покорија светот. Четворката од Манчестер имаше сѐ што треба да има вистинска музичка рок-ѕвезда, па дури и повеќе. Нивното его беше поголемо барем за трипати од еден Ник Кејв и еден наш познат музичар заедно. Нивниот лидер по издавањето на првиот албум вели: „Ние сме најголемата група на сите времиња, а само што ја започнуваме кариерата“. И навистина, по неколку години свирки на сите можни мали клупски места, во 1986 г. го издаваат двојниот сингл „Sally Cinnamon“, во 1989 и првиот албум под името „Stone Roses“. Албум преполн со танцувачки песни во рок-амбиент, со јаки текстови и навистина неверојатно квалитетна музика. Публиката и особено критиката се воодушевени. Имаат награди за најдобра група, најдобар нов изведувач, најдобар албум, најдобра изведба, сѐ што можеше да се освои, освоија. Каде лежи успехот на „Стоун розес“, освен во музиката и текстовите.
Па тие се обични момци од Манчестер, кои пеат песни едноставни за нивната генерација, со нормални текстови разбирливи за сите нив, се облекуваат како просечни комшии од маало (багс-стил), го погодуваат моментот и севкупната политичко-економска околност во Англија. Ноел и Лиам Галагер („Оазис“) велат: „Кога ги видов ’Стоун розес‘ на сцена знаев дека тоа е тоа. Претходно мислевме дека треба да студираш некој уметнички факултет или да си Пол Велер, но дојдоа нашите комшии и направија ’ршум“. На „Топ оф д попс“ – најпознатата музичка емисија, во еден момент имаше две групи од Манчестер што беа број еден и број два – „Хапи мандејс“ и „Стоун розес“. Вистинска револуција, децата од работничката класа од Манчестер и околината одеднаш осознаа дека и тие се толку вредни колку и некој голем бенд од Лондон, САД…, кои им биле идоли. Одеднаш „Стоун розес“ стануваат нивни идоли.
Песните на „Стоун розес“ од првиот албум им станаа химни на младите, лесно певливи и полни со набој. Има еден прекрасен филм за овој период, а се однесува на дотогаш најголемиот концерт од „Стоун розес“ што се одржал во околината на Манчестер пред околу 30.000 публика, која ги пее сите песни на цел глас. Филмот се вика „Spike Island“ и претставува историја на еден период во Манчестер, прераскажана со окото на една млада рок-група, каде што сите се облекуваат исто, размислуваат исто, како нивните херои од „Стоун розес“. Тие во суштина наметнуваат нов начин на размислување, однесување, облекување, стануваат лидери на тие генерации и сите млади ги копираат (баги-генерација). Ова е последниот концерт на „Стоун розес“ во тој период. Нивниот договор со малата дискографска кука „Силверстоун“, каде што со ситни букви пишува дека огромен дел од парите ѝ припаѓаат на таа дискографска кука, ги уништува комплетно финансиски. Издаваат уште еден сингл, „One love“, и се повлекуваат т.е. одат во илегала. Сакаат да го раскинат договорот, но малата дискографска кука „Силверстоун“ не ја пушта златната кокошка. „Стоун розес“ за инает не снимаат нови песни чекајќи да помине договорот од пет години. Шетаат низ Европа, не снимаат и не свират.
Полека паѓаат во заборав. По четири години победуваат на суд, го раскинуваат договорот и потпишуваат за тогашниот гигант „Гифен рекордс“. Во 1995 г. го издаваат вториот албум „Second Coming“, неколку години по епохалниот прв албум. Доста солиден албум, но времињата се сменија, немаат добра продажба меѓу публиката, плочата не се продава нешто посебно, има премногу тврди гитари и блуз. Не е тоа оној игрив и заразен ритам. Сите песни се напишани од гитаристот Џон Сквер. За кратко време се расформираат откако отсвиреа по сите големи фестивали и неколку добри турнеи. Секој си го фаќа својот пат. Пејачот, лидер, композитор и текстописец Јан Браун прави соло-албуми, исто како и гитаристот и композитор Џон Сквер. Тапанарот Рени не се занимава многу со музика, а басистот Мани свири во „Прајмал скрим“. Во 2012-2013 год. се реоформуваат и издаваат два сингла и настапуваат на сите најголеми светски фестивали како мегазвезди. Таа година одржуваат и три концерти еден по друг пред околу 300.000 публика, која дошла да ги види само нив. Во 1997 г. пак се расформираат за повторно во 2021 г. да се спојат повторно. Нивниот прв албум го излижав од слушање. Моја секојдневна лектира беа и сѐ уште понекогаш во одредени моменти ги слушам: „I wanna be adored“, „Made of stone“, „She Bangs The Drums“, „I’m the resurection“ од, според многумина, најголемиот албум на сите времиња што излегол од островот, првиот албум „Stone rosses“ на манчестерското светско чудо „Стоун розес“.
Љупчо Давчев