Меѓународниот ден на човечкиот вселенски лет се одбележа на 12 април (во петокот), во спомен на 12 април 1961 година, кога советскиот космонаут Јуриј Гагарин го направи првиот човечки лет во вселената, што го отвори патот за истражување на вселената за доброто на целото човештво. Од 1962 година, Русија го слави 12 април како Ден на космонаутиката, кој е основан со декрет на президиумот на Врховниот совет на СССР од 9 април 1962 година.
Во светот овој празник доби меѓународно признание по воведувањето на Светскиот ден на воздухопловството и космонаутиката во 1968 година, а на 7 април 2011 година Генералното собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која 12 април го прогласи за Меѓународен ден на вселенските летови.
Во резолуцијата се наведува дека 12 април е прогласен за Меѓународен ден на вселенските летови за да се означи почетокот на вселенската ера за човештвото. Секоја година овој ден се одбележува на меѓународно ниво, потврдувајќи го важниот придонес на вселенската наука и технологија во постигнувањето на целите за одржлив развој и зголемувањето на благосостојбата на земјите и народите, како и обезбедувањето реализација на стремежот за истражување на просторот за мирни цели.
Летот на Јуриј Гагарин во вселенското летало „Восток“ траеше 108 минути. На 14 април 1961 година, Гагарин ја доби титулата херој на Советскиот Сојуз.