Фото: Пиксабеј

Жителите на Дубаи наскоро можеби ќе можат да го избегнат сообраќајниот метеж со воздушни таксија. Тоа ќе биде важна пресвртница во напорите на градот да го интегрира воздушниот транспорт во својата постојна мрежа за мобилност уште следната година. „Џоби“ се надева дека неговите воздушни таксија ќе го намалат притисокот врз постојниот копнен транспорт и ќе им понудат на патниците побрза алтернатива бидејќи Дубаи се соочува со растечки метеж.
– Сакаме да го промениме начинот на кој луѓето патуваат до работа – рече Ентони Кури, генерален директор на „Џоби“ во Обединетите Арапски Емирати.
Патувањето од главниот аеродром во Дубаи до архипелагот Палм Џумеира ќе трае приближно дванаесет минути со такси, предвидува компанијата, наспроти 45 минути со автомобил. Иако долгорочната амбиција на „Џоби“ е да ги направи воздушните таксија „пристапни за сите“, тие признаваат дека раното одредување на цените веројатно ќе биде насочено кон патниците со повисоки приходи.
Демонстративниот лет се одржа во изолирана пустинска локација југоисточно од центарот на Дубаи и беше дизајниран да имитира типично патување со воздушно такси, според „Џоби авиејшн“. На церемонијата на која присуствуваа високи владини претставници, директори за сообраќај и претставници на компанијата, експерименталниот авион изврши вертикално полетување, прелета неколку километри, а потоа се врати и слета вертикално. Воздушното такси „џоби“, водечки електричен авион за вертикално полетување и слетување (eVTOL) развиен од компанија со седиште во Калифорнија, може да лета до 160 километри, со брзина до 320 км/ч. Целосно електрично, со нулта оперативна емисија, воздушното такси на „Џоби“ е дизајнирано да биде еколошко и доволно тивко за комерцијална употреба во густи урбани средини.
Компанијата планира да лансира комерцијална услуга за воздушно такси во емиратот во 2026 година, со четири почетни вертипорти, лоцирани на меѓународниот аеродром во Дубаи, во Палм Џумеира, во центарот на Дубаи и во деловниот кварт Дубаи Марина.