Компанијата „Спејс екс“ неодамна го лансира своето летало „Драгон“, користејќи ракета „фалкон 9“, како и неколку сателити „кјубсат“, од кои еден е особено интересен. Тоа беше мисија за снабдување на Меѓународната вселенска станица (ИСС) наречена ЦРС-28, која „Спејс екс“ ја изврши за американската вселенска агенција НАСА. Меѓутоа, неколку сателити „кјубсат“ беа испратени во ниската орбита на Земјата за време на мисијата, а еден од нив, наречен Мунлајтер, ќе се користи за експериментално хакирање.
Малиот сателит всушност ќе биде во центарот на натпреварот што ќе се одржи за време на годишната конференција Деф Кон во Лас Вегас подоцна оваа година, со тимови што ќе се натпреваруваат да се инфилтрираат во софтверот на орбиталниот систем.
Мунлајтер е дизајниран да ја подобри сајбер-безбедноста во вселената, а во изминатите три години американското воено воздухопловство има свој „Хак-А-Сат“ на Деф Кон. Овој натпревар има цел да им помогне на експертите да ја подобрат сајбер-безбедноста во вселената во време на растечка загриженост за ранливоста на орбиталните системи.
Досега, натпреварот „Хак-А-Сат“ секогаш беше симулација, но на годинашниот Деф Кон, тимовите конечно ќе се обидат да се инфилтрираат во вистински сателит. Проектот е развиен како дел од соработката помеѓу „Аероспејс корпорејшн“, Истражувачката лабораторија на воздухопловните сили и Командата за вселенски системи на САД.
Мунлајтер тежи околу пет килограми и е единствениот сателит во вселената наменет за хакирање. Ќе се користи за спроведување одбранбени сајбер-операции, развој на сајбер-тактики, техники и процедури, како и за проверка и превенција од крај до крај. На најдобрите три екипи ќе им бидат доделени парични награди од 50.000, 30.000 и 20.000 долари.
Сајбер-безбедноста стана растечка грижа во вселенските операции во последниве години бидејќи расте бројот на сателити што обезбедуваат интернет-услуги или се поврзани на интернет.