Екоасоцијацијата „Биди зелен“ за два месеца успеа да собере над 6.000 податоци за биолошката разновидност во Македонија, благодарение на околу 200 млади истражувачи од сите региони. Во соработка со нашите екоклубови и нивните ментори наставници беше промовирана бесплатната апликација за набљудување на природата АјНатуралист (iNaturalist), преку која младите можат да учат за природата во нивната близина и да го разберат начинот на кој може да придонесуваат кон научни истражувања.
– Преку овие активности се уверивме дека училишните дворови низ државата, како и нашите градини, може уште повеќе да се приспособат за да ја поддржат биолошката разновидност и со тоа да ги подобрат нашите услови за живот, а и да придонесат кон зачувување на ранливите видови – велат од „Биди зелен“.
Во Природонаучниот музеј во Скопје е отворена изложбата „Нашиот биодиверзитет“, составена од колажи со над 500 фотографии од младите истражувачи што набљудуваа во својата околина и придонесоа кон проектот. Изложбата ќе може да се посети до 19 декември во музејот, а потоа ќе бидат најавени нови локации на кои ќе биде поставена.
– Иако истражувањата, таканаречените „биоблицови“, ги спроведувавме кон крајот на вегетативната сезона, истражувачите сепак открија многу различни видови околу себе, поточно над 1.000 различни вида растенија, габи, инсекти, влечуги и цицачи. Младите истражувачи собраа најмногу податоци за видови што се одгледувани и за животни во заробеништво наместо диви видови, што е јасен индикатор за слабото разбирање на биолошката разновидност како концепт, но и за состојбата на нивната непосредна животна средина – посочуваат од „Биди зелен“.
Најголеми успеси во истражувањата покажаа оние екоклубови со силна врска со природата и посветени ментори, па така, наградите за најмногу набљудувани видови како тим, најмногу набљудувани видови на учесник и најголема разновидност на набљудувани видови од учесник отидоа кај училиштето ООУ „7 Марси“ од селото Челопек и двајца нивни ученици, наградата за најголема разновидност на набљудувани видови од тим кај извидничкиот одред „Скаут“ од Куманово, а пофалница доби и ученик на ООУ „Александар Македонски“ од Скопје.
– Новите технолошки достигнувања, како што е апликацијата АјНатуралист, се совршен спој со младите генерации граѓани истражувачи. Денес речиси сите ученици имаат свој мобилен телефон, кој со малку обука може да стане наставно средство. Оваа апликација може да се користи за собирање и анализирање податоци за природата, а благодарение на своите милиони корисници и опции за приспособување таа може да обезбеди и податоци што се доволно добри да се користат за научни истражувања – додаваат од „Биди зелен“.