По синоќешниот концерт на Наташа Крстевска во „Куршумли-ан“ во Скопје
Концертот на кантавторката Наташа Крстевска – Мијата што се случи синоќа во магичниот простор на „Куршумли-ан“ во Скопје, во рамките на „Скопско лето“, сонуван, очекуван и подготвуван цели 20 години, на најубав начин ни ја покажа убавината и моќта на музиката. Онаа вистинската која излегува од сите пори, која опчинува и пали факели на животна радост кај сите што ќе ги допре.
Ана Зафирова, познатата телевизиска новинарка и водителка, го отвори концертот, потсетувајќи се на првото, како што го нарече пресретнување со Наташа Крстевска.
– Добровечер и добредојдовте на концерната промоција на албумот „Вида“ на Мијата. Таа не е едноставна, но е исконски длабока, храбро нурнува во длабочините на непознатите хоризонти за да ископа нешто ново за себе и за сите кои ги сака. Да види, да ѕирне, да осознае.. Таа е нашата Вида родена на денешен ден, кога ќе ни го обелодени својот истоимен нов албум со овој уникатен концерт. Албумот содржи 13 песни чиј автор е самата, низ кои таа ѕвони, како градска камбана за доброутро, како судиобинско „да“. Ѝ посакувам да одѕвонува долго во нашите души и уште многу концерти и албуми и здравјето да ја чува, за да ја имаме за навек. Знам дека со неа ќе дишете до послден здив, а гласот на Наташа ќе ја одбележи не само оваа ноќ, туку и ова лето – рече меѓу другото Ана Зафирова, отворајќи го концертот.
И почна да се одмотува музичката приказна насловена „Вида“ пред одбраната публика, која го исполни вековниот простор во Старата скопска чаршија.
А ако се прашувате зошто го носи токму ова име албумот, Наташа ни откри дека е родена на Видовден, на вчерашната дата, кога и се случи нејзиниот прв солистички концерт.
– Албумот се вика „Вида“, затоа што денес ми е роденден, а денес е Видовден. „Вида“ исто така значи живот. Песните овојпат се пореални, за разликите од оние што се најдоа во првенчето „Небеска“, бидејќи сега работите ги доживувам пореалистично. На албумот има постари и некои нови нумери, што премиерно ќе ги изведеме вечерава. Ова за мене е специјален, концерт затоа што првпат настапувам со тим музичари кои автентично ќе ги изведат песните. Зад мене е екипа од 20 луѓе, креативци, со кои ја делевме радоста на создавањето на оваа музика и кои оставија дел од својата душа на овој албум. Се надевам дека тој креативен набој, таа магија вечерва ќе ја почуствува и публиката и ќе летаме заедно – ни рече непосредно пред почетокот на концертот Мијата, чија примарна професија е контролор на летање на Скопскиот аеродром.
А кога со својот бенд се качи на сцената, некаде околу 20.30 часот, таа додаде дека долго чекала на овој коцнерт, но се надева дека ќе вреди. И вредеше!
– „Вида“ е во вашите уши, раце, во вашите прегратки – рече Мијата пред да ја испее првата песна.
И во текот на два часа не прошета низ повеќе музички стилови, пеејќи песни како создадени за неа, балади, поп и рок, па и хевиметал теми, некои со призвуци на „ворлд мјузик“, некои со кантри звук, а други, пак, како излезени од некое кабаре. Или уште подобро мјузикл, бидејќи Мијата не само што го испеа туку и сугестивно го донесе секој збор, со гестикулацијата, движењата, а најмногу со својата насмевка. Алката која го поврза целиот овој микс беше се разбира нејзиниот моќен глас. Тој понекогаш галеше, замислуваше, нѐ воздигнуваше, но најчесто грмеше со својата кристална јасност.
Публиката, составена од претставници на повеќе генерации, уште од првата песна влезе во магичната атмосфера на концертот, а бројните гости уште повеќе придонесоа наелектризираноста да не падне, туку постојано да се стреми кон својата кулминација.
А волшепства имаше многу, не мали, како што пее Мијата, туку големи како нејзиниот талент. Таа пееше на македонски, српски, на англиски, па дури и на француски, а пред сѐ, на јазикот на љубовта што сите го разбираат.
А сѐ да звучи перфектно придонесоа познатите македонски мзуичари кои ја поддржуваа Мијата на сцената: Валентино Скендеровски (клавијатури), Кире Мирчовски (акустична/електрична гитара), Горан Гешовски (бас гитара), Ратко Даутовски (перкусии), Иво Митковски (тапани), а придружни вокали беа: Мартина Нанеска, Елена Васова и Дино Хриџиќ. Со своето присутво песните ги украсија гостите: Теда, „Фолтин“, Дамир Пух, Наташа Миха, Александар Пешевски, Глигор Кондовски, Никола Стојмановиќ, Мартина Јаневска, Зоран Тортевски Бранко Илиевски…
Во една хармонична низа, меѓу другите ги слушнавме: „Невидени“, „Бај, бај“, песна на Драган Каранфиловски Бојс, „Враќање дома… Премиерно беше изведена „Вида“ и некои други нумери од новиот албум, со пораката; „научи очи да затвориш и да ме видиш вистински“. Ја слушнавме и „Еден ден“ која ја сними со Андријана Јанвеска, но овојпат ја испеа со придружните вокали (Мартина, Елена и Дино). Атмосферата го достигна врвот со изведбата на нејзиниот најголем хит „Верувам во себе“, кога повеќето во публиката ги потпевнуваа стиховите: „Не прашувам зошто живеам, тоа што сум тука не е случајно јас знам. Патувам зад себе трага оставам.. “.
– Имав 26 години во 2007 кога отидов првпат во студиото на Тино Скендеровски и му ја пуштив „Верувам во себе“, а тој се пошегува дека ова не е една, туку три песни. Му реков дека е така затоа што тоа е најава за се што следи од мене. Ете да не ја снимивме тогаш „Верувам во себе“, немаше, можеби да го има и овој концерт – рече Наташа.
Интересно е дека виолината и овојпат ја свиреше Глигор Кондовски, како и на првата снимка.
Прозвуче и ведрата „Домаќинска“, а потоа ја слушнавме и „Поносна“, што Мијата ја пее на српски јасик. Кабаретскиот блок заврши со „француската“ песна што Наташа ја отпеа со групаат „Фолтин“, по што повторно се наврати на првенчето, пеејќи ја насловната тема „Небеска“. Во последниот блок кој беше во хард-рок стил, ја слушнавме „Полетај“, а од албумот „Вида“ прозвуче „Up to you“, за борбата на секој човек со неговите демони, отпеана во придружба на виолончелистката Мартина Јаневска. Со „Маска“, звукот стануваше се поцврст, а целиот простор одненадеж беше осветелен со десетина запалени факели.
Последна беше „Добра ноќ, добар ден“, а во изведбата помогна Ангел Ќосев на клавијатури, во чие студио „Подрумот“ е снимена оваа нумера, а освен придуржните вокали во пеењето помогнаа и Зоран Тортевски и Бранко Илиевски. Оваа песна-химна, која беше изведена повеќегласно, предизвика лавина од убавина и емоции, а беше наградена со овации. Публиката стоеше простум пред убавината на вечерта што ни ја подари Мијата.
На бис повторно ја слушнавме „Верувам во себе“, а ние и поверувавме на секој тон што ни го испеа оваа незаборавна вечер, на Видовден.