Споменик на револуцијата / Фото: Здравко

Спомениците и спомен-обележјата секогаш одразуваат вредности, значаен наратив и нѐ потсетуваат на нашето минато. За спомениците се вели дека се богатството на еден народ, односно симбол и гордост на државата, нацијата или општеството. Тие ни помагаат да го цениме нашето минато и се секојдневни обележја на националниот идентитет. Спомениците исто така се важни за општеството поради настаните што ги претставуваат. Тие ги оживуваат историјата за новите генерации и сеќавањата, тие создаваат мост меѓу генерациите. Конкретно, споменикот е вид структура што е експлицитно создадена за да се одбележи личност или настан што е значаен за државата или општеството, како дел од националното сеќавање на историските времиња. Затоа спомениците се важни и може да имаат трајно влијание во државата или општествата што ги градат. Меѓутоа мора да се нагласи и историскиот наратив што го пренесуваат спомениците, бидејќи тие го потсетуваат општеството како треба да се сеќава на сопственото минато, односно дека треба да го цениме минатото

Знаменитостите на Македонија

Спомен-куќа – меморијален музеј на НОБ

Спомен-куќата – меморијален музеј на НОБ се наоѓала на улицата Севастополска број 5, Дуќанџик, Скопје. Куќата се наоѓала на десниот брег на реката Серава и била многу оштетена по катастрофалниот земјотрес во Скопје, а потоа била обновена. Во 1975 година, во неа била отворена музејска поставка со експонати што сведочат за настаните од НОВ во Македонија. Градбата е заведена како културно наследство на Македонија под називот Куќа на ул. Севастополска бр. 5.
По започнувањето на оруженото востание во Македонија во 1941 година, покраинското раководство на партијата презело мерки да се обезбедат услови за работа на партиското и военото раководство. Во Скопје постоеле неколку куќи и станови во кои се чувала партиска документација, се вршеле средби и состаноци и слично. Кон крајот на 1941 и почетокот на 1942 година, оваа куќа е одбрана како сигурна, бидејќи ги задоволувала условите за илегална работа. Семејството на Гиго Михајловски се вселило во куќата во почетокот на 1942 година и сè до јуни 1944 година оваа куќа била место за состаноци на партизанските и воените раководители.
Во куќата и во дворот биле изградени скривници за илегалци и за партиски материјали, а техниката била сместена во визбата. И пералната била претворена во скривница, исто така, под двојното дно се криеле материјали.


Сила, Слава и Победа. Фото – Ричард Шофилд

„Сила, слава и победа“

„Сила, слава и победа“, познат и како Споменик на слободата, е скулптура посветена на победата над фашизмот. Се наоѓа над бездната на тврдината Кале во Скопје, на местото на влезот од музејот, кој се урнал од земјотресот во 1963 година. Скулптурата е висока четири метри и е дело на познатиот македонски вајар Јордан Грабулоски-Грабул. Била поставена во 1954 година.

 


Спомен-куќа – музеј на НОВ и револуцијата

Спомен-куќата – музеј на НОВ и револуцијата се наоѓа на булеварот Гоце Делчев, меѓу Институтот за национална историја, Судската палата и факултетскиот комплекс „Св. Кирил и Методиј“, изградена врз темелите на урнатиот објект. Нејзини автори се архитектите Александар Николски и Владимир Пота, а откриена е на 28 септември 1981 година.
Членовите на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија ја зеле под наем оваа куќа, уште пред почетокот на Втората светска војна, во која непречено можеле да ги вршат своите активности. За да се избегне сомневање, во куќата се вселило семејството на Глигор Михајловски–Гиго, комунист и револуционер, а низ годините, во куќата престојувале: Светозар Вукмановиќ–Темпо, Сретен Жујовиќ, Кузман Јосифовски-Питу, Орце Николов, Цветан Димов, Мирче Ацев, Блажо Орландиќ, Добривое Видиќ и други револуционери. Во текот на НОБ, во куќата престојувало највисокото партиско и воено раководство на Македонија. Овде се одржувале состаноците на Покраинскиот комитет. Во мај 1941 година, Лазар Колишевски во оваа куќа се состанал со Методија Шаторов-Шарло, а едно од судбинските решенија што биле донесени во оваа куќа било решението за оружено востание на македонскиот народ. По ова решение, Покраинскиот комитет ги организирал партизанските одреди.

Споменик на револуцијата. Фото – Здравко 2