Новото истражување покажа дека популацијата на шкотските диви мачки е на работ на истребување и дека повеќето од оние што живеат во дивината се всушност хибриди. Резултатите од петгодишниот проект покажаа дека во Шкотска има премалку диви мачки за да се одржи нивната популација. Таканаречената хибридизација, односно парењето на дивите мачки со домашните, е најголемата закана за овој вид. Голем проблем се и болестите и губењето на живеалиштата.
Министерката за биодиверзитет Лорна Слејтер рече дека постоењето на култниот вид е под закана. Претходните истражувања заклучија дека шкотската дива мачка е всушност „функционално исчезната“.
Најновото истражување е кулминација на проектот за акција на шкотската дива мачка, заеднички напор предводен од шкотската агенција за природа „Нејчр скот“, кој траеше од 2015 до 2020 година. Во серија нови извештаи, проектниот тим даде препораки за тоа како да се обиде да го спаси видот.

Предлозите вклучуваат ослободување на дивите мачки одгледани во заробеништво на одредени локации, како и стерилизација на хибридни и улични мачки и подобрување на живеалиштата. Проектот спроведе истражување во приоритетни области, локации каде што може да се насочат конзерваторските работи. Исто така, направени се генетски тестови на 529 примероци од мачки, но ниту една не добила доволно високи резултати за да се смета за дива мачка. Анализирани се 118 мртви мачки, а повеќе од половина од нив умреле на улица. Сепак, ниту една од нив не била дива мачка.
Истражувачите рекоа дека не пронашле неодамнешни докази за диви мачки што можеби ги видела јавноста, користејќи камери и испитувајќи мачки што настрадале на патиштата во висорамнините северно од Лаирг во Сатерленд. Тие додадоа дека има малку докази за диви мачки во Аргаил и Тросакс.
Во извештајот се наведува дека дивите мачки, хибридите на дивите мачки и домашните мачки веројатно слободно се вкрстувале во многу генерации од 1960-тите, создавајќи ситуација наречена „хибридно роење“.
Целта на проектот е да се воспостави популација на диви мачки за која нема потреба од понатамошна човечка интервенција за да се обезбеди нејзиниот опстанок. Научниците се надеваат дека ќе го постигнат тоа со заедничка работа за заштита и обновување на видот.
Минатиот месец беше дадена дозвола за ослободување на шкотските диви мачки во националниот парк Калнгормс, кои се одгледувани во заробеништво од Кралското зоолошко друштво на Шкотска.