Една нова студија објавена во списанието „Нејчр комуникејшнс“, спроведена од Универзитетот во Мичиген, покажа дека сезоната на алергии на полен може да започне до 40 дена порано и да трае 19 дена подолго до 2100 година поради климатските промени. Според научниците што работат на студијата, тоа би ги зголемило годишните емисии на полен во САД до 40 отсто.
Кандидатот за докторски студии и главен автор Јингксао Џанг за „Ен-би-си њуз“ изјави дека промените на поленот ќе варираат во зависност од видот на растението и местото каде што живее лицето.
Меѓутоа, оваа студија предвидува дека временскиот распоред на поленот од различни растенија може да создаде ново преклопување, што ќе доведе до повисоки концентрации на полен.
Џанг исто така вели дека зголемувањето на температурите, врнежите и количеството на јаглерод диоксид во земјината атмосфера може да влијаат на емисиите на полен од растенијата. Општо земено, јаглерод диоксидот дејствува како ѓубриво за растенијата, што ги прави да растат побрзо или поголеми, а ефектот на оплодување може да значи дека растението произведува повеќе полен.
Д-р Пери Шефилд, вонреден професор по медицина на животната средина, вели дека информациите во оваа студија ги дополнуваат трендовите од минатите истражувања, кои покажуваат дека сезоните на полен во последните децении станале подолги и со повеќе полен.
Студијата експлицитно забележува дека подолгите и поинтензивни сезони на полен се очекува да ги влошат поленски алергискиот ринитис (поленска треска) и астмата.