Поради прекумерна и неправилна употреба на антибиотици, сѐ повеќе луѓе умираат од супербактерии отпорни на старите антибиотици.
Повеќе од 35.000 Американци годишно умираат од бактериски или габични инфекции отпорни на лекови. Тоа е причината зошто американската ФДА, управа за храна и лекови, од 2017 година им издаде одобренија на шест стартапи за нивните нови антибиотици. Но, сите тие прогласија банкрот, бараат нов сопственик или се без бизнис, пишува „Волстрит журнал“.
– Околу 300 научници беа вклучени во развојот на антибиотици во тие компании, околу 80 отсто од нив сега прават нешто друго – вели Кевин Аутерсон, извршен директор на „КАРБ-екс груп“.
Проблемот е во тоа што развојот на нови антибиотици е скап, а пазарот не сака да плати висока цена. Новите антибиотици се наменети за ретка и краткотрајна употреба, во случај на најопасните инфекции, за бактериите да не развиваат пребрзо отпорност. Компаниите им одредија цени 100 пати повисоки од тие на генеричките антибиотици што лекарите ги препишуваат со децении и чинат неколку долари по доза. Но малкумина сакаат да платат 100 пати поголема цена.
Повеќето големи фармацевтски компании не развиваат антибиотици бидејќи тие не се профитабилни. Неколку стартапи влегоа во бизнисот, но повеќето од нив не успеаја. „Набрива терапјутикс“ ги отпушти своите преостанати 60 вработени и бара купувач, четири години откако ФДА го одобри нејзиниот антибиотик ксенлета за пневмонија. Петдневниот третман со ксенлета чини над 1.000 долари, додека генеричките антибиотици за пневмонија обично чинат помалку од 100 долари. „Набрива“ им го понуди лекот на лекарите во 800 болници, а само 100 од нив го прифатија.
Компанијата „Акеоген“ поднесе барање за стечај во 2019 година, помалку од една година откако ФДА го одобри нејзиниот лек земдри за комплицирани инфекции на уринарниот тракт. Тие во 2018 година потрошиле речиси 200 милиони долари за производство на лекот и за маркетинг, додека од продажбата на лекот заработиле само 800.000 долари.