Научниците открија дека сандали пронајдени во една пештера во Шпанија, кои се ткаени од трева, се стари околу 6.000 години, што значи дека се и најстарите во Европа. Сандалите се пронајдени меѓу голем број предмети откриени во една пештера во Шпанија, која била ограбена од рудари во 19 век. Сега тие се анализирани во ново истражување.
Ниската влажност и студените ветрови во пештерата добро ги зачувале сандалите, а покрај нив научниците анализирале кошници и комплет алатки. Овие предмети се најстариот и најдобро зачуван сет од растителни влакна пронајден во Европа.
– Технолошката разновидност и третманот на суровините ја покажуваат вештината на праисториските заедници – вели авторката на истражувањето, Марија Хереро Отал.
Беа користени нови техники за датирање, кои покажаа дека колекцијата од 76 предмети пронајдени во пештерата, всушност, е 2.000 години постара отколку што се мислеше. Некои предмети од колекцијата се стари дури 9.000 години.
Сандалите се правеле од различни видови трева, но се користеле и други материјали како кожа и варовник. Тие потекнуваат од неолитскиот период, што ги прави постари од кожените чевли откриени во пештера во Ерменија во 2008 година, стари 5.500 години.
Сандалите стари 6.000 години се пронајдени во пештерата на лилјаците во Андалузија во југозападна Шпанија, локално позната како Куева де Лос Мурсиелагос.
Во пештерата во 1831 година првпат влегол земјопоседник што собирал измет од лилјаци за да го користи како ѓубриво. Помалку од две децении подоцна ја користеа рударите, кои открија делумно мумифицирани тела, кошници, дрвени алатки, заби од дива свиња и златна дијадема додека ја ископуваа пештерата.