Детроит во 1970-тите е срцето на музичката и на автомобилската индустрија на САД, но и на целиот свет. Трите најголеми светски автомобилски компании ги имаат своето седиште и фабрики во Детроит: „Џенералс моторс“, „Форд“ и „Крајслер“. Тие имаат потреба од огромен број работници. Се зголемува стандардот, луѓето живеат многу подобро, има огромна навала на работници. Подоцна сето тоа паѓа во вода и Детроит станува еден од најтемните градови, полн со дрога, убиства, криминал.
Во едни такви времиња доаѓа и семејството Дијаз-Родригез од Мексико, а во Детроит се раѓа (1942 г.) и малиот Хесус Сикто Дијаз-Родригез, кој на 15-годишна возраст свири по локалните пабови каде што го забележуваат двајца продуценти и му овозможуваат да сними плоча. Првата плоча „Cold Fact“ ја издава во 1970 г. за издавачката куќа „Сасекс рекордс“, а наредната „Coming from reality“ во 1971 г. за истата куќа. Реално се продаваат само неколку десетици примероци од плочите во САД, па поради тоа „Сасекс рекордс“ го раскинува договорот. А плочите се ремек-дело што не наидува на одек кај публиката. По ова Родригез се повлекува од снимањето плочи. Понекогаш ќе отсвири во некој мрачен паб и толку. Не создава нова музика. Се вработува во компанија за чистење отпад во градежништвото. Тежок живот, создава семејство, се кандидира за градоначалник (неуспешно), се сели 28 пати во текот на тие години сѐ додека еден ден не купи од евтините солидарни станови во кои живее до крајот.
Но животот е неверојатна енигма, не знаеш што ќе се случи. Дваесетгодишна Американка оди во Јужноафриканската Република кај роднините во времето на најголемиот апартхејд таму. Со себе носи една плоча од Родригез. Ја пушта плочата на некоја забава во време кога Црнците немаат право на глас, кога имаше комисија за музика, а песните на Родригез се полни со протестни текстови што за луѓето таму се откровение. Преснимени се неколку милиони плочи на двете плочи на Родригез и тој станува култ, икона на бунтовниците, поголем е од Елвис Присли, „Битлси“ и „Ролинг стоунси“ заедно. Кога ЈАР се ослободува од апартхејдот, неколку издавачки куќи ги откупуваат авторските права на неговите плочи и ги реиздаваат.

Родригез, пак, кој живее во Детроит, не ни знае што се случува, не добива ништо од авторски права, неговиот живот е тивок, тежок и скромен. Две момчиња што имаат продавница за плочи во Кејптаун некаде во 1996-1997 г. почнуваат да истражуваат и дознаваат дека Родригез е жив, не издава плочи, не свири. Седнуваат во авион и правец за Детроит. Се гледаат, не веруваат како еден генијалец не успеал во САД. Го пакуваат и го носат во Африка. На првиот концерт има 15.000 гледачи. Телевизија, шоу-програми, радиопрограми, сите се воодушевени. Но тантиемите од продадените неколку милиони плочи ги нема никаде, не добива ни денар. Се враќа во Америка.
За неговиот живот е снимен документарецот „Барајќи го Шугармен“ од шведскиот режисер Малик Бенџелоуи. Филмот е добитник на „оскар“ за најдобар документарен филм во 2013 г. Животот му се менува драстично, но неговата скромност не му дава да се однесува како ѕвезда. Неговите „I’ll Slip Away“, „Inner City Blue“, „Sugar Man“, „I think of you“, „Forget it“, „I wonder“ се неверојатна ризница, и сега звучат свежо, полетно, полни со слики.
Пред десетина години се наоѓам во Кејптаун, ЈАР. Таму сме на некаква конференција и нѐ има од цел свет. Со еден Американец со мексиканско потекло одиме по музички продавници, разгледуваме и го гледам цедето на Родригез. Го прашувам Џо дали чул за него. Тој вели не. Доаѓа газдата на дуќанот и му дава бесплатно едно цеде. Си одиме дома, тој во САД, јас во Македонија. Ми се јавува по еден месец за да ми каже дека она што го создал Родригез е неверојатно. Неколку години не се слушаме и пред некој ден ми се јавува да ми каже дека Родригез починал. Со тоа завршува, веројатно, една од најпрекрасните приказни, како од сон извадени, што досега сум ги чул воопшто. РИП Шугармен.

Љупчо Давчев