Фото: Пиксабеј

На децата и адолесцентите најчесто им се препорачува да консумираат брза храна, солени и слатки грицки, газирани пијалаци и сокови

Сè е навидум „природно“, „здраво“ и „без шеќер“, но само во рекламите. Всушност, бројот на потрошувачи, особено помладите, што јадат нездрава храна расте бидејќи не можат да одолеат на паметно замислените промотивни пораки.
Истражувањата во Велика Британија покажаа дека по гледањето реклами, внесувањето калории се зголемува – така што децата на возраст од седум до 15 години, по само пет минути гледање реклама, консумираат просечно 130 килокалории повеќе од вообичаеното. Адолесцентите добиваат околу осум илјади и триста рекламни пораки поврзани со исхраната секоја година, а децата повеќе од четири илјади. Ова е, се согласуваат маркетинг-експертите и нутриционистите, исклучително високо количество. Промовирањето брза храна има негативно влијание врз здравјето и води до долгорочни последици.

Што ги привлекува купувачите

Според списанието „БМЦ паблик хелт“, луѓето што постојано гледаат реклами за храна јадат 28 проценти повеќе нездрави грицки и празни калории, ова е особено точно за луѓето со помалку изразени когнитивни способности. Иако кулинарскиот спектар е широк, најрекламираната храна е онаа богата со масти, шеќери и соли, како што се брзата храна, разни солени и слатки грицки, пијалаци и сокови. Најранливата група се децата и адолесцентите.
Маркетинг-магионичарите се потпираат на некои вообичаени правила со кои ги привлекуваат клиентите. Нивните пораки се такви што потрошувачот не го перцепира производот што го купува само како храна туку го поврзува и со среќа, задоволство, дружење, успех. Таквата порака може да се прочита и како став „ако јадам вака, ќе бидам успешен и среќен“.
Рекламите се агресивни затоа што индустријата за преработена храна е огромна, а профитот е огромен. Пропагандните пораки се емотивни, сугестивни и особено се насочени кон адолесценти и деца, луѓе со пониско образование, вработени што имаат помалку време самостојно да приготвуваат храна. Цел се ранливи групи, се промовираат решенија за „модерен“ живот, брзо, евтино, вкусно. Таквата исхрана не предизвикува непосредна штета и проблеми, но докажано е дека долгорочната потрошувачка предизвикува хронични и акутни здравствени проблеми.
Визуелно привлечните пораки поттикнуваат импулсивни купувања со стимулирање на центарот за допамин во мозокот за награда. „Доброто“ рекламирање ја постигнува целта – потрошувачите да ја прифатат нездравата храна како нормална, повеќе чипс, разни слатки и грицки стануваат „добри“ навики и прифатлив модел на однесување.

Помош од јавни личности

Воведувањето здрави навики е процес и бара време и трпение, но и доследност. Сè е едноставно, само треба да се започне навреме и да се биде упорен. Нашиот соговорник предлага да се користат истите средства за промовирање здрави навики.
Треба да ги примениме истите принципи, реклами, да ја користиме помошта на јавни личности и влијателни лица за промовирање здрава исхрана, брзи и кратки пораки. Многу земји го негуваат тоа како традиција и култура, првенствено Јапонија, Кина, Норвешка, Шведска… Не е невозможно, треба да развиеме општествена свест и да разбереме дека тоа е превентивна здравствена мерка. А не беше толку одамна кога децата го копираа Попај и јадеа спанаќ.
Брзата храна секогаш е комбинација од нездрави масти, многу шеќер и едноставни јаглехидрати. Таа е богата со индустриски преработени масти, кои иницираат воспалителни и кардиоваскуларни заболувања, инсулинска резистенција, особено како последица на дебелината. Прекумерните количества сол и разни адитиви имаат штетно влијание врз бубрезите, крвниот притисок и го уништуваат невротрансмитерскиот систем.