„МФ Естел“, произведен од компанијата „Зибас“, е првиот самоуправувачки електричен траект во светот што започна да превезува патници. За време на патувањето на траектот моментално има екипаж, кој ќе го напушти на почетокот на следната година. Сообраќајниот метеж е постојан проблем низ светот, а решенијата вклучуваат масовен транспорт, како и подземни тунели. Во случај на градови со водни тела, на оваа цел може да се додадат фериботи, но конвенционалните методи на поморски транспорт создаваат емисии на јаглерод и се во конфликт со глобалните цели за преминување кон „почист“ транспорт.
Компанијата „Зибас“ е основана во 2019 година, со мисија да го направи транспортот на вода поодржлив и да развие автономни решенија за оптимизирање на операциите на бродовите. Во соработка со „Торгатен“, истакната норвешка бродска компанија, „Зибас“ ја претстави својата прва ферибот-линија помеѓу Содермалм и Кунгшолмен. Тоа е всушност кратка линија, која ќе има 120 патувања дневно и ќе помогне да се намали метежот на двата патни правца што моментално се достапни меѓу овие две дестинации.
„МФ Естел“ има електричен погонски систем што се напојува од соларни панели и може да прими 24 патници. Има автономен систем за навигација што се напојува со врвна технологија, но во првата фаза за време на патувањето на траектот ќе биде присутен и човечки оператор. Првично, траектот ќе има четири поаѓања на час, но услугата постепено ќе се проширува на 15 часа дневно. Фазниот пристап ќе му помогне на „Зибас“ да ја оптимизира потрошувачката на енергија врз основа на моделите на патување.
Компанијата со седиште во Стокхолм сака да понуди виртуелни мостови над водните тела и да помогне во намалувањето на застојот на патиштата, но во исто време да обезбеди опција за урбан транспорт што не ја загадува животната средина.
Компанијата е уверена дека нејзината технологија е приспособлива и може да се користи за широк спектар пловни објекти, како што се водни шатлови, работни чамци, брзи фериботи и автомобилски фериботи, сè за подобрување на опциите за транспортот на вода.
Автоматските решенија треба да ја подобрат ефикасноста на бродот и да ги намалат емисиите на јаглерод, особено кога станува збор за транспорт на долги растојанија.
Норвешка го предводи развојот на оваа технологија, а бродоградителската компанија „Хуртигрутен Норвеј“ работи на првиот брод за крстосување без емисија на јаглерод, кој ќе биде готов до крајот на деценијата. Ќе има електричен погон, а за време на патувањата ќе користи сончева и ветерна енергија.