Француско-сенегалскиот воен филм „Татко и војник“, во режија на Матје Вадпие, од недела (28 јули) премиерно ќе се прикажува во кината низ земјава. Филмот ќе биде на редовен репертоар на киното „Милениум“ во Скопје во терминот од 18 часот, а ќе се прикажува и во киното „Манаки“ во Битола во терминот од 19:30 часот.
Главната улога ја толкува реномираниот француски актер Омар Си, познат по улогите во „Недопирливите“, најгледаниот француски филм на сите времиња, како и во познатата серија „Лупин“ на Нетфликс.
„Татко и војник“ ги прикажува искуствата на африканските војници што се бореле на страната на Франција во Првата светска војна. Тоа е приказна за еден татко што волонтерски се пријавува во француската армија за да биде со својот 17-годишен син, кој е сосила регрутиран против негова волја. Испратени заедно на фронтот, тие мора да се борат за своите животи во ужасните воени битки на Франција.
Филмот ја имаше својата премиера на 75-то издание на Канскиот фестивал во 2022 година, каде што беше дел од натпреварувачката селекција. Својата македонска премиера ќе ја има на 28 јули, денот кога се одбележуваат 110 години од почетокот на Првата светска војна, една од најголемите трагедии во човековата историја.
Дистрибутер на филмот е „КТ филм и медија“ од Битола, а дистрибуцијата е поддржана од „Медија – Креативна Европа“.