Протеинските шејкови се еликсир за многу бодибилдери и рекреативци што сакаат да ги зајакнат или тонираат мускулите и да ја обликуваат својата фигура во вежбалниците, бидејќи на телото му се потребни протеини за обновување на мускулите и ткивата. Но не треба да се претерува во ништо.
Преголемото внесување протеини, обично добиени од јајца, месо и млеко, може негативно да влијае на стврднувањето на артериите, состојба што на крајот може да резултира со мозочен удар, срцева слабост и срцев удар. Тоа го покажаа резултатите од тестовите направени на лабораториски глувци и луѓе спроведени од Медицинскиот факултет во Питсбург.
– Нашата студија покажува дека зголемувањето на внесувањето протеини во обид да се подобри метаболичкото здравје не е лек – велат авторите на студијата.
Резултатите од истражувањето на тим експерти од Питсбург покажаа дека леуцинот, есенцијална аминокиселина во протеинот што ги гради мускулите и го активира протеинот познат како мТОР, кој ја активира синтезата на мускулните протеини, влијае на развој на атеросклероза и стврднување на ѕидовите на артериите.
Ова истражување предизвика дополнителна загриженост, како што е прашањето што се случува кога едно лице троши повеќе од 15 проценти од дневните калории од протеини како што е препорачано од Одделот за земјоделство на САД. Експертите предупредуваат дека треба да бидеме внимателни и да дознаеме кое е оптималното количество на внесување протеини што влијае на растот на мускулите, но во исто време не ги оштетува артериите.