Неочекувано и значајно откритие сугерира дека топлокрвните ајкули, за кои некогаш се сметаше дека се ретки може да се пораспространети отколку што се мислеше. Според една неодамнешна студија објавена во списанието „Бајолоџи летерс“, предводена од истражувачи од колеџот „Тринити“ во Даблин, Ирска, песочните ајкули-тигар со мали заби, вид што се смета дека еволуирал од мегалодон пред 20 милиони години, покажуваат знаци на регионална ендотермија или топлокрвност.
Ајкулите што јадат планктони имаат топли тела
Истражувањето анализираше обдукција на песочни ајкули-тигар што заринкале на брегот на Ирска и јужна Англија на почетокот на годинава. Пронајдени се забележителни сличности во физиолошките карактеристики со изумрениот мегалодон и големата бела ајкула, и двете познати по својата топлокрвна природа.
Д-р Николас Пејн, еден од авторите на студијата, го истакна значењето на ова откритие.
– Порано мислевме дека регионалната ендотермија е ограничена на предатори како големата бела ајкула и изумрениот мегалодон, но сега имаме докази дека песочната ајкула-тигар, која живее во длабоки води, како и ајкулите што јадат планктони, исто така имаат топли тела – рече Пејн.
Вообичаено пронајдени во умерените и тропските мориња на длабочини од 10 до 518 метри, песочните ајкули-тигар со мали заби поседуваат физички карактеристики што укажуваат на топлокрвност. И покрај нивниот „ранлив“ статус според класификацијата на Меѓународната унија за зачувување на природата, овие ајкули не се цел на комерцијален риболов, туку се соочуваат со закана од случаен улов во мрежите, како и од загадување.
Мегалодонот се соочил со предизвици
Д-р Хејли Долтон, која исто така е авторка на студијата, го привлече вниманието на потенцијалните импликации на ова откритие за зачувување и еволуција во разбирањето како еволуирале топлокрвните животни.
– Нашето разбирање за науката продолжува да расте и станува јасно дека секогаш кога регионалната ендотермија еволуирала во минатото, таа била задржана кај сè поголем број видови ајкули со многу различен начин на живот – рече Долтон.
Истражувањата сугерираат дека потоплото тело му овозможило на мегалодонот да се движи побрзо, да толерира постудени води и да премине различни океани. Меѓутоа, додека климата на планетата се оладила за време на епохата на плиоценот пред околу 3,6 милиони години, мегалодонот се соочил со предизвици што на крајот довеле до негово изумирање.
– Веруваме дека промените на животната средина во далечното минато најмногу придонеле за истребување на мегалодонот, бидејќи мислиме дека тој повеќе не можел да ги задоволи потребите за енергија за да биде голем регионален ендотерм – заклучи Долтон.