Кратката дремка во текот на денот може да помогне да се зачува мозокот и да се забави неговото стареење, велат истражувачите од Универзитетот во Лондон.
Резултатите од новото истражување се спротивни од претходните, кои сугерираа дека спиењето попладне може да биде ран симптом на Алцхајмерова болест. Британските научници тврдат дека пронашле докази што укажуваат дека кратката дремка во текот на денот, главно попладне, може да помогне во заштитата од намалување на мозокот и да ја подобри способноста на човекот за учење.
Според Викторија Гарфилд, коавторка на споменатата студија, спиењето во текот на денот позитивно влијае на одржување на масата на главниот орган на човечкото тело, бидејќи многу одамна е откриено дека мозокот се намалува за време на стареењето, што го забрзува почетокот на невродегенеративните болести. Тим британски експерти по истражување заклучиле дека мозокот на луѓето што редовно дремеле во текот на денот е поголем за 15 кубни сантиметри, што одговара на одложување на стареењето за три до шест години, пренесува британски „Гардијан“.
– Најдовме поврзаност помеѓу вообичаениот дневен сон и поголемиот вкупен волумен на мозокот, што покажува дека редовната дремка нуди одредена заштита од невродегенеративни болести – наведува истражувачкиот тим.
За истражувањето биле користени податоците на 35.080 учесници на возраст од 40 до 68 години, а биле следени и нивните генетски предиспозиции за дремење. Според Викторија Гарфилд, студијата покажала поврзаност помеѓу генетската предиспозиција за вообичаено дневно спиење и поголем волумен на мозокот, што овозможува стареењето да се забави за две до шест години.
Научниците препорачуваат дремките да бидат пократки од половина час, нагласувајќи дека тоа е особено важно за бебињата и постарите лица. Во текот на првата година од животот на најмладите, спиењето е неопходно за целосен развој, додека кај популацијата над 65 години, многумина не можат да замислат ден без краток одмор.
– Сметаме дека секој може да има корист од дремката. Овој совет е полесен за спроведување отколку оној за слабеење или вежбање – вели Гарфилд.
Иако сите би биле задоволни од ваквата препорака, сепак е тешко да се замисли дека оние што студираат или работат можат да најдат половина час за сон во текот на денот. Многу експерти ги поддржаа резултатите од оваа студија, тврдејќи дека тоа е уште еден показател за тоа колку е важно спиењето за здравјето на мозокот.