Ако имате навика да дремете попладне, бидете сигурни дека правите добро за општото здравје на организмот
Попладневната дремка не само што го подобрува расположението туку и ни помага да живееме подолго, покажуваат истражувањата. Резултатите од студиите покажуваат дека спиењето 20 минути ја намалува веројатноста за срцев удар во постарите години. Во студијата, која беше спроведена во болницата „Асклепеј“ во грчкиот град Вула, се наведува дека дремењето го намалува крвниот притисок.
Иако претходно имаше спротивставени тврдења во однос на придобивките од попладневните дремки, факт е дека сите досегашни истражувања сугерираат дека за средовечните лица дремењето од 15 до 30 минути во текот на денот би било добра навика и дека не може да се поврзе со кардиометаболички болести.
Поради сето горенаведено, дремењето попладне се смета за многу едноставна навика, која практично не чини ништо, а позитивно влијае на психофизичкото здравје. Ги издвојуваме клучните придобивки од попладневната дремка.
Подобро расположение
Ако се чувствувате очајно, треба да се обидете да дремнете за да го подигнете расположението. Дремењето, па дури и само одмор од еден час без спиење, може да го подобри вашиот физички изглед и да ја врати насмевката на вашето лице. Експертите велат дека опуштањето што доаѓа од лежење и одмор го подобрува расположението, без разлика дали некој ќе заспие или не.
Замена за кофеин
За многумина, големите количества кафе се решение за да останат будни во текот на ноќта за да завршат некаква работа. Нема потреба од тоа. Експертите велат дека ако веќе знаеме дека нема да спиеме цела ноќ, многу подобро решение е да се подготвиме со дремка однапред отколку да се наполниме со кофеин.
Го ублажува стресот
Ситуациите кога сме под голем стрес може да се ублажат со попладневна дремка. Дремењето не само што го ублажува стресот туку го подобрува имунолошкиот систем. Студијата покажа дека луѓето што спијат од 45 до 60 минути имале понизок крвен притисок по менталниот стрес. Значи, дремењето може да му помогне на телото да закрепне од стресни ситуации.
Победа на несоница
Иако може да изгледа нелогично, дремењето во текот на денот може да им помогне на постарите да го подобрат ноќниот сон. Истражувањата покажуваат дека половина час дремка помеѓу 13 и 15 часот, во комбинација со умерено вежбање, како што се пешачење и истегнување навечер, помага да се подобри ноќниот сон. Менталното и физичкото здравје исто така може да се подобрат.
Почист ум
Студијата на истражувачите од Универзитетот во Лондон и Уругвај покажа дека редовниот попладневен одмор од околу 15 минути го подобрува извршувањето одредени когнитивни задачи. Научниците ги анализирале генетските податоци на 375.000 испитаници и заклучиле дека попладневниот сон е каузално поврзан со подобрувањето на здравјето на мозокот и општо со когнитивното здравје, но и дека го зголемува вкупниот волумен на мозокот, кој се намалува со возраста и влијае на когнитивните способности.