Повеќе од половина од големите езера и акумулации во светот се намалени од раните 1990-ти, главно поради климатската криза и човечката потрошувачка, што предизвикува загриженост за снабдувањето со вода за земјоделството, хидроенергијата и човечката потрошувачка, покажа новото истражување.
Тим меѓународни истражувачи објавија дека некои од најважните светски извори на свежа вода, од Касписко Море меѓу Европа и Азија до езерото Титикака во Јужна Америка, губат вода со кумулативна стапка од околу 22 гигатона годишно во текот на речиси три децении, што е еднакво на вкупната потрошувачка на вода на САД за цела 2015 година.
Фангфанг Јао, површински хидролог од Универзитетот во Вирџинија, кој ја предводеше студијата објавена во списанието „Сајенс“, рече дека 56 отсто од намалувањето на природните езера е предизвикано од глобалното затоплување и човечката потрошувачка, при што затоплувањето има поголем удел од тоа.
Климатолозите генерално мислат дека сувите области во светот ќе станат посуви поради климатските промени, а влажните области повлажни, но студијата откри значителна загуба на вода дури и во влажните региони.
– Ова не треба да се игнорира – рече Јао.
Научниците процениле речиси 2.000 големи езера, користејќи сателитски мерења во комбинација со климатски и хидролошки модели. Тие открија дека неодржливата човечка употреба, промените во врнежите и истекувањето, седиментацијата и зголемените температури го намалија нивото на езерата на глобално ниво, при што 53 отсто од езерата покажаа пад од 1992 до 2020 година. Речиси две милијарди луѓе низ светот се директно погодени, а многу региони се соочија со недостиг од вода во последниве години.
Научниците и активистите одамна велат дека глобалното затоплување не смее да надмине 1,5 Целзиусов степен доколку сакаме да ги избегнеме најкатастрофалните последици од климатските промени. Светот моментално се загрева со брзина од околу 1,1 Целзиусов степен.
Студијата покажа дека неодржливата човечка употреба ги пресушила езерата, како што се Аралско Море во централна Азија и Мртво Море на Блискиот Исток, додека езерата во Авганистан, Египет и Монголија се погодени од зголемените температури, што може да ја зголеми загубата на вода во атмосферата.