Со феноменот „еден чекор до смртта“ некои луѓе се потсетуваат на силна светлина на крајот од тунелот, чувство на присуство на најблиските или лебдење над своето тело. Во новото истражување, научниците тврдат дека снимиле мозочна активност слична на свеста кај пациентите што умираат, обезбедувајќи нови сознанија за процесот на умирање.
– Живописното искуство што може да произлезе од дисфункционалниот мозок за време на процесот на умирање е невронаучен парадокс. Откривме потенцијални невропотписи на нашата свест – вели авторот на студијата, неврологот Џим Борџиген од Универзитетот во Мичиген.
Студијата користела податоци од четворица пациенти што починале во болница, додека лекарите ја следеле нивната мозочна активност на ЕЕГ-снимките. Сите четворица пациенти биле во кома и не реагирале, па се сметало дека не им е потребна медицинска помош. Со дозвола од нивните семејства, им биле исклучени апаратите за одржување во живот, по што доживеале срцев удар и починале.
Експертите ретроспективно ги анализирале податоците за мозочната активност во моментите по исклучувањето на уредот до моментот на смртта. Откако уредот бил исклучен, двајца пациенти покажале зголемување на отчукувањата на срцето со зголемена активност на гама-брановите, кои се сметаат за најбрза активност на мозокот и се поврзани со свеста.
– Може да се каже дека пациентите се разбудени однатре – додава неврологот.
Активноста е откриена во т.н. топла зона, област во задниот дел на мозокот поврзана со свесната мозочна активност. Во други студии на мозокот, таа област е поврзана со сонување, визуелни халуцинации кај епилепсија и изменети состојби на свеста.
Инаку, другите двајца пациенти не покажале исто зголемување на отчукувањата на срцето или мозочна активност.
Научниците тврдат дека е невозможно да се знае точно на што би можела да одговара мозочната активност како субјективно искуство, пренесува „Спутник“.
– Можеби ја активира внатрешната скриена свест, т.е. извлекува спомени од минатото. Тоа би можело да биде механизам за преживување на мозокот, сè уште не го знаеме тоа – заклучува Борџиген.