И ние, како и многумина, чувствуваме бес и фрустрација поради инвазијата на една независна и демократска земја, чиј народ го убива една од најголемите светски сили, напишаа членовите на групата на Твитер
„Пинк флојд“ ја објави својата прва песна по речиси 30 години, за да ги поддржи Украинците. Нејзиниот наслов е „Hey, Hey, Rise-Up!“, а ќе се користи за собирање средства за хумани цели, поврзани со војната во оваа држава.
Во песната свој удел има и Андреј Хливниук, член на еден од најголемите украински бендови „Бум бокс“, кој пее на плоштадот „Софискаја“ во Киев, во исечокот од песната, кој стана вирален. Хливниук ја напушти светската турнеја за да се врати во Украина и да помогне во одбраната на својата земја.
– И ние, како и многумина, чувствуваме бес и фрустрација поради инвазијата на една независна и демократска земја, чиј народ го убива една од најголемите светски сили – напишаа членовите на групата на Твитер
Во соопштението за јавноста, водачот на бендот Дејвид Гилмор вели дека го допрело видеото на Хливниук.
– Тоа беше трогателен момент, кој посакав да го претворам во музика – вели тој.
Гилмор успеал да разговара со Хливниук, кој се наоѓал во болничка постела во Киев, каде што закрепнувал откако бил погоден во минофрлачки напад.
– Му ја пуштив песната преку телефон и тој ми го даде својот благослов. И двајцата се надеваме дека во иднина ќе направиме нешто посебно заедно – додал славниот музичар.
Сликата што ја следи песната е сончоглед, а инспирирана е од едно вирално видео на кое се гледа како една Украинка навредува двајца вооружени руски војници и им вели: „Земете ги овие семки и ставете ги во џебовите. Така ќе израсне сончоглед кога сите вие тука ќе се одморате.“
Ова е прва оригинална музика на „Пинк флојд“ од „The Division Bell“ од 1994 година. Гилмор пишувал твитови дека е против војната набрзо по руската инвазија. „Путин мора да си замине“, меѓу другото, напишал тој.
Бендот исто така ја повлече својата музика од сите руски и белоруски стриминг-страници, во знак на протест поради инвазијата.