Песните во кои Бафтировски го опејуваше родниот крај, како што е „Заветна“, сѐ уште живеат меѓу Македонците и ја раскажуваат вековната тага што се пренесува од поколение на поколение, но и вербата дека ќе дојдат подобри денови

„Негде ќе те премолчат/негде ќе те сокријат/гроб со гроба ќе покријат/Само ти си бесмртна, жива вода подземна/Кај што тонеш ти извираш…“ Деновиве многу често ги слушаме овие стихови на песната „Заветна“, кои ги напиша Георги Барбаровски, а неговиот брат Миле Барбаровски е автор на музиката на оваа патриотска песна, која прв пред 31 година ја отпеа Пепи Бафтировски.
„Заветна“, освен оригиналната верзија, има и многу други, а една од најубавите ја снимија Андријана Јаневска и Игор Дурловски во 2019 година, по повод одбележувањето на Денот на независноста, 8 Септември.
– Откако ја препеавме „Заветна“ со Игор Дурловски, многумина снимија свои верзии. Тоа многу ме радува, бидејќи тоа беше и поентата, такви песни никогаш да не се заборават. Идејата да ја преработам песната ми дојде летото кога ни го променија името. Веднаш му се јавив на Миле Барбаровски за да го прашам дали имам дозвола да ја преработам со класичен аранжман. Потоа размислив дека би било добро да има и машка сила во песната, а прв на ум ми дојде Игор Дурловски. Кога и нему му се јавив, со задоволство прифати. Сакавме да снимиме и спот во црквата „Св. Спас“, на гробот на Гоце Делчев. Бев во сите институции да барам согласност, но, за жал, не добивме дозвола. Затоа се решивме за видео со кадри од Македонија, претежно од Охрид. Видеото е црно- бело, но на последниот рефрен е во боја, што ги симболизира надежда и духот на Македонецот што не се предава – вели Андријана Јаневска.
Заедно со Игор Дурловски таа ја отпеа песната и деновиве, на првиот од протестите против францускиот предлог за нашето влегување во ЕУ. Меѓу присутните на митингот беше и авторот на стиховите на песната „Заветна“, новинарот и писател Георги Барбаровски.

– Текстот за песната „Заветна“, која денес многумина ја сметаат за неформална химна на Македонците, е напишан во 1987-8 година. Оваа тема за македонскиот идентитет ја промислив во мојата книга „Име кажи како сакаш да те викам“, а таа се пренесе и во песната. Кај мене ова патриотско чувство се роди уште за време на студиите, кога ја напишав книгата со родољубива лирика „Око и меч“. Всушност и наредните мои книги се со родољубива поезија. Но за да биде една песна толку голема требаше сѐ да се погоди и музиката на брат ми Миле Барбаровски и неповторливиот глас на Пепи Бафтировски – вели Георги Барбаровски, автор на стотина текста на песни, а некои од нив се антологиски.
Од повеќето понови верзии на „Заветна“, тој ги издвојува емотивната изведба на актерот Владо Јовановски, како Мич Бузалевски во серијата „Преспав“, и, секако, дуетот на Андријана Јаневска и Игор Дурловски.
– Искрено кога деновиве на протестите ги слушнав како ја пеат се наежив, особено кога слушнав како илјадници луѓе ги пеат со нив моите зборови. Тоа за мене како автор е голема чест. Ме прашаа луѓето што ги сретнав таму, дали јас сѐ уште верувам во моите стихови посветени на Македонија: „Само ти си бесмртна/жива вода подземна/Кај што тонеш ти извираш“, алудирајќи на она што ќе ни го донесе иднината? Јас одговорив дека верувам во секој збор, само таа вода треба да се чува чиста и незаматена – вели Барбаровски.
За неговиот брат Миле Барбаровски, познат македонски композитор и автор на едни од најубавите македонски новосоздадени македонски народни рефрени, „Заветна“ е песна за сите времиња, бидејќи голготата на намачениот македонски народ сѐ уште трае.

– Македонците се препознаа во текстот на песната, кој како да е напишан за ова сегашно време. А како се роди овој редок музички бисер, ќе откријам дека всушност е нарачка. Кога се врати од САД тие 1990-ти години, Пепи Бафтировски, кого претходно не го познавав, дојде кај мене со молба да напишам неколку нумери за него што ќе ги стави на цеде, а меѓу нив задолжително да има и една патриотска. Кога го слушнав неговиот прекрасен глас, еден од најдобрите што сум ги чул досега, сѐ беше некако полесно. Се слеаја музиката и текстот, а Пепи со својата изведба ѝ даде на „Заветна“ свој печат – се потсетува Миле Барбаровски.

Фото: Јутјуб / Миле Барбаровски

Песните во кои Бафтировски го опејуваше родниот крај, како што е „Заветна“, сѐ уште живеат меѓу Македонците и ја раскажуваат вековната тага што се пренесува од поколение на поколение, но и вербата дека ќе дојдат подобри денови.

Пепи Бафтировски и Георги Барбаровски