Во рамките на проектот „Филтер“, здружението на граѓани за нови уметности, технологија и екологија „3.14 Брокули“ организира панел-дискусија на темата „Намалување на текстилниот отпад преку кружни економии“. Панелот е закажан за 2 април, со почеток во 12 часот, во Кинотеката на Македонија.
„Филтер“ е проект за одржливи системи и кружна (циркуларна) економија.
Во согласност со присуството на отпад и неговата селективност, идејата на „Филтер“ е да обезбеди неформална едукативна и практична програма за работа со повеќе од седум типа органски и неоргански отпад.

Првата епизода под наслов „Филтер – Текстилна индустрија“ e за намалување на текстилниот отпад преку кружни економии. Планирано е да се обработат повеќе теми: текстилниот отпад како нов ресурс за работа, нови „зелени“ материјали за работа, циркуларна економија, еколошки менаџмент, започнување сопствен бизнис, моден дизајн и други.

Панелисти се Пеце Недановски (Економски факултет – Скопје), Марија Божиновска Богојевска („Окитекс“ ДОО), Игор Јорданов (Институт за текстилно инженерство), Христина Алексовска (соработник во „Копче“), Александра Спасеска (новинарка, преведувачка, активистка), Ирина Тошева (модна дизајнерка), Драган Христов (моден дизајнер).