Пикасо многу се соживеал со скопската трагедија од земјотресот во 1963 година и со солидарната акција за собирање уметнички дела. Тој се огласил меѓу првите, испраќајќи ја својата позната слика „Глава на жена“, која е изложена во Музејот на современата уметност

Пабло Пикасо е еден од еден од најголемите мајстори на сликарството во 20 век, а заедно со Жорж Брак е најпознат како основач на уметничкиот кубизам. Посебно место во неговиот уметнички опус заземаат композициите „Госпоѓиците од Авињон“, „Герника“ и големата ѕидна слика во палатата на УНЕСКО во Париз.
Работата на Пикасо често се категоризира во неколку периоди: син период, розов период, период под влијание на африканската уметност, аналитички кубизам и период на синтетички кубизам.
Пикасо многу се соживеал со скопската трагедија од земјотресот во 1963 година и со солидарната акција за собирање уметнички дела. Тој се огласил меѓу првите, испраќајќи ја својата позната слика „Глава на жена“, која е изложена во Музејот на современата уметност. Од 19 февруари до 16 март 2016 година, во Младинскиот културен центар во Скопје биле изложени 46 графички дела на Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и гравури, создадени од 1932 до 1969 година. На изложбата биле прикажани графики од три мапи: „Двојна флејта“, која содржи 16 литографии од периодот меѓу 1932 и 1955 година; мапата „Фауна и флора од Антиб“, со девет литографии и; мапата „Цртежите на Пикасо“, со 16 факсимили на цртежи од периодот 1942-1946 година.
Последните години од неговиот живот се карактеризираат со фуриозна уметничка активност и експресија на опседнатост со еротиката. Во 1966 година на изложбата на слики и скулптури на уметникот е претставено делото „Пар“, кое прикажува маж и жена во прегратка и тоа е неговото најзначајно дело што ја обработува темата на љубовта и сексуалноста. Три години подоцна, изложбата на Пикасо во Париз предизвикала скандал поради еротиката на сликите и нивниот огромен формат. Д.Ст.


„Герника“ е најтрогателната и најмоќна антивоена слика во историјата

„Герника“ е голема слика во масло од 1937 година, едно од неговите најпознати дела. Голем број ликови критичари ценат дека оваа слика е најтрогателната и најмоќна антивоена слика во историјата. Денес е сместена во музејот „Рејна Софија“ во Мадрид, Шпанија.
Ова уметничко дело, Пикасо го насликал во својот дом во Париз, како одговор на бомбардирањето на Герника на 26 април 1937 година, град во Баскија, северна Шпанија. Споменатиот град бил бомбардиран во текот на Шпанската граѓанска војна од страна на авијацијата на нацистичка Германија и фашистичка Италија, сојузници на шпанските националисти предводени од Франциско Франко. По завршувањето, сликата била изложена на шпанската изложба на меѓународната изложба во Париз во 1937 година, а потоа и на други места низ светот. Многу бргу станала позната и широко признаена, а помогнала и во привлекувања на светското внимание на Граѓанската војна во Шпанија.
Сликата е со висина од 3,49 метри и широчина од 7,76 метри, а на неа се прикажани ужасите на војната и страдањата предизвикани од насилството и хаосот. Во преден план се видливи жени што врескаат, мртво бебе, распарчен војник, пламен и др. Сликата многу години била изложена во Музејот на современа уметност во Њујорк. Пикасо не дозволувал сликата да се врати во Шпанија сè додека таму повторно не биде воспоставена демократија.

Мурал на сликата „Герника“ од П. Пикасо е направен во плочки и целосна големина. Локација Герника Фото – Папаманила