Спроведена мерка за заштита на биодиверзитетот
Дури 64 т.н. мрежи духови биле извадени од Охридско Езеро во рамките на четиридневната кампања, спроведена од 2 до 5 октомври, на локалитети од Свети Заум до полуостровот Градиште. Акцијата за чистење на езерото од напуштените мрежи беше реализирана на длабочина од 5 до 35 метри во потегот на просторот каде што се наоѓаат и природните рибни плодишта на охридската пастрмка, во рамките на пилот-проектот од јавната научна установа „Хидробиолошки завод“ од Охрид, организацијата „Хелти сис“ и нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“, пренесува „Охрид њуз“.
Овие мрежи се опасни не само затоа што прават замки за рибите и другиот жив свет во езерото туку и затоа што на нив се напластуваат органски или физички материјали. Мрежите служат како стапици за рибите, најчесто се напластени во локалитетите во кои се наоѓаат рибните плодишта и не само што се закана за рибите туку служат и како вештачки бариери и пречки во кои живиот свет може да биде заплеткан, задржан, оставен тука и да угине.
– Во принцип се изработени од материјали што не се биоразградливи, претежно најлон, кој остава последици врз животната средина и живиот свет што го населува Охридско Езеро. Се надевам дека ваквите активности во иднина ќе најдат поголем одзив и поддршка од релевантните институции и можеби ќе продолжат како годишна активност на Институтот – вели директорката на ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“, Орхидеја Тасевска.
Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“ истакнува дека нивната цел била да ги локализираат местата каде што има „мрежи духови“.
– Оваа година тргнавме во правецот од Свети Заум до зад полуостровот Градиште. Езерото е доста големо и има доста локации со заостанати мрежи. Ова е една пионерска работа во однос на вклучување меѓународни организации за вадење „мрежи духови“. Најголемиот број мрежи се на карпестиот дел, каде што се мрести охридската пастрмка, и сите се зафатени за карпите и тешко може да се извадат. Длабочината на која работевме беше од над 30 метри до поплиткиот дел од 5-6 метри – додава Секулоски.
Душица Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид истакна дека спецификата на местото за мрестење на пастрмката е тоа што самиот простор е исполнет со карпи и овие „мрежи духови“ многу лесно се закачуваат.
– Ова е една мерка за помош на заштита на биодиверзитетот – потенцира Илиќ-Боева и додава дека се потребни построга примена на законските регулативи, поголема координација на релевантните институции вклучени во решавањето на овој проблем и поостри казни.
Вероника Микос, директорката на „Хелти сис“, најголемата и најискусна глобална нуркачка организација фокусирана на феноменот „мрежи духови“, смета дека целта на ваквите акции не е само чистење на водните живеалишта туку и анимирање на јавноста за потребата од поголема заштита на животната средина.