Фото: Пиксабеј

Песни што ме тераат да играм

„Дисциплина кичме“ доаѓа на концерт во тогашниот дом на млади „25 Мај“ (сега МКЦ) некаде во 1980-тите. Ние дечишта, вљубеници во рок-музиката, кисневме во тој дом, ги знаевме сите дупки како бесплатно да влеземе на концерт. Што концерти видовме тогаш, немаше некој од таа неверојатна југословенска сцена што не свиреше тука. Почнувајќи од „Азра“ (каква привилегија да ја гледаш и слушаш, и тоа повеќепати), „Хаустор“, „Архангел“, „Карамела“, оригиналниот „Леб и сол“, „Лева патика“, „Макакус“, „Ксенија“, „Мизар“, „Забрањено пушење“, Елвис Џ. Куртовиќ, ЕКВ, „Боје“, „Партибрејкерси“, „Доријан Греј“, „Булдожер“, „Лачни Франц“, „Психомодо поп“, Бајага, „Галија“, „Идоли“, „Електрични оргазам“… не може да се споменат сите, неверојатен квалитет, можеби најсилната европска сцена, во некои сегменти посилна и од британската. Имаше неколку начини да се влезе бесплатно на концерт во домот. Еден од нив беше од задната страна, каде што беше пицеријата со тоалет чии прозорци се отвораа кон надвор. Се прекачуваш низ тоалетот и одиш кај некој од пејачките хорови што вежбаа, се мешаш со нив демек пејач си, и ете си пред големата концертна сала. Втор начин одоздола низ некоја од дупките (домот беше преполн со дупки во ѕидовите), па се качуваш по скалите и најгоре, на покривот, притоа префрлувајќи се низ неколку прозорци што секогаш беа отворени, се симнуваш повторно кај хоровите и ете си пред салата. Е, на тој концерт на „Дисциплина кичме“ при една таква гимнастика, тогашниот директор Мирко нѐ фаќа мене и Шкотот. Нѐ носат во полициска станица и нѐ пуштаат по четири часа. За мене тоа беше трагедија, да не ги гледам перјаниците на тој југословенски минимализам, на тој за тоа време дури и на светско ниво најоригинален несфатен бенд.

Отидовме до домот, но концертот завршен, само уште Душан Којиќ-Која, лидерот на групата, се расправа нешто со директорот Мирко и домаќинот на салата. На Која или на некој од членовите на групата некој му ја украл кожената јакна, донесена од Лондон, која чинела многу пари, а во исто време била и некаков заштитен знак и фетиш на групата. Заврши расправијата и Која на крајот вели: „Никогаш повеќе нема да свирам тука, сѐ додека не ми ја најдете јакната“, се качува во едно комбе со остатокот од групата и заминуваат. Година и пол подоцна се наоѓам во Белград. Другар ми по алтернативна музика Драган Боговац, роден белграѓанец, сака да ми покаже некоја нова група составена од остатоците на неколку групи. Се наоѓаме на аголот на Нушиќева и Коларчева. Ме носи во еден подрум од некоја зграда. Влегуваме внатре, многу е темно, на импровизирана бина свират членовите на таа група, две гитари, тапани, саксофон и пејач. Не се разбира ништо, подрумот од 20 квадрати е со слаба акустика, само врева и дисторзија на гитарите. Веднаш до бината седат неколку лица, но сосема е темно и не може да се види кои сѐ. Драган им рекол дека ќе донесе некој Македонец на пробата, некој на кој многу му се допаднал албумот „My life in bush of ghost“ од Дејдид Брн и Брајан Ино, демек тоа било доволна референца да се влезе таму.
Влегуваме внатре, очите сѐ уште не ни се привикнати на темница, овие свират, дигаат рака како поздрав, се гледа дека го почитуваат Драган. По пет минути некој од темницата вика: „Музика, застани“. Тие застануваат. Гласот сега повисоко и посилно вика: „Каде ми е јакната?“ Сите се чудат, се чудaм и јас. Одеднаш полека на посветлиот дел се појавува една голема машка појава со афрофризура и завртени ракави до рамо. Го препознавам, легендата Која. Доаѓа до мене, до фаца, и ми вели: „Македонец, тебе ти зборувам каде ми е јакната?“. „Која јакна“, прашувам. „Онаа што ми исчезна на концертот во Скопје. Таму ли беше ти?“. Му велам дека не бев. „А ха, добро, а има ли нешто квалитетно од македонската алтернативна музика?“ Му велам: „Падот на Византија, Мизар, Тело наука совршена“. Не одговори ништo, си седна во темницата и оттаму рече: „Кажи им на твоите во Скопје дека нема да дојдам да свирам додека не ми ја најдат јакната“.

Поседовме, разговаравме за музиката и опкружувањето, во што активно учествуваше и Која. Голем настан за мене, сепак тоа беше Која, основачот на „Дисциплина кичме“, икона на авангардното, херојот и светлината на обесправените, господар на планетата на малиот принц, војник борец на алтернативната војна, човекот што создаде свој стил, човек што никогаш не се продаде без разлика на цената, исклучително влијателен како музичар, продуцент, човекот чиј идол беше Џими Хендрикс. „Дисциплина кичме“ останува во колективното сеќавање на овие простори како бенд што си тера по свое, без никакви компромиси. Поминаа неколку фази од оној почетен минимализам, преку збогатување на звукот со дувачи и пејачи, па до лондонската фаза, каде што пеат на англиски како трио (бас, тапани и пејачка). Во тој период живеат во Лондон, ја создаваат нивната најзначајна фаза и го транскрибираат името во „Disciplin-A-Kitschme“.

Последната фаза е кога се враќаат во Белград, а во 2019 г. Која добива мозочен удар. Некако преживува, малку му се ослободува говорот, но не може ништо повеќе. Оттогаш неговата состојба е таква. Во солидарност со неговата состојба се организираа неколку концерти за да му се помогне финансиски, на кои учествуваа групи што ги обработуваа неговите песни. Некои луѓе силата ја црпат од некои нешта што останале во нивната потсвест, како одреден фетиш, а ако го нема тоа нешто, не можат да се извлечат, немаат сила за понатаму, како Самсон кога Филистинците му ја исекоа косата, а со тоа и силата. И што ако на пример кожената јакна што му ја украдоа во Скопје беше некаков момент кога Која ја изгуби силата, иако објавуваше албуми, немаа сила да ја претворат неговата алтернатива во мејнстрим како што направи „Нирвана“ со гранџот и неверојатните тиражи од 20-30 милиони примероци по плоча. Сѐ си мислам, ако му се врати кожената јакна, ќе му се врати силата. Еве, една молба до тој што ја украл јакната, врати му ја, сѐ ти е простено, за доброто на алтернативната музика, за доброто на сите почитувачи на ликот и делото на Зелениот Зуб, наречен Која.

Љупчо Давчев