Јазикот, идентитетот и историјата не се за продажба. Никогаш не ни биле, затоа не смееме да си дозволиме да ги изгубиме или заборавиме. Во тоа име јас и ПСК „Х2О“, заедно со пријателите од дневниот весник „Нова Македонија“, втора година по ред организираме планинарска акција до врвот Кале, со поаѓање и враќање во селото Горно Врановци, вели Ирена Диков, главен водич на патеката
По вторпат планинарското друштво „Х2О“, во пресрет на 29 октомври, 78-от роденден на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, организира планинарска тура, со почетна точка од селото Горно Врановци, каде што е испечатен првиот број на весникот. Турата почнува во 7 часот, долга е 19 километри, се совладува надморска височина од 1.460 м, а трае десетина часа. Крајната цел е врвот Кале, на 2.112 м надморска височина.
– Првиот официјален документ испечатен на македонски јазик е весникот „Нова Македонија“. Испечатен е на еден тон тешка „бостонка“, која на раце била пренесена од селото Цветово до Горно Врановци, слободна територија каде што дејствувал Главниот штаб на НОВ и ПОЈ за Македонија. На третата седница на Президиумот на AСНОМ, која била одржана од 2 до 5 септември 1944, во манастирот „Прохор Пчињски“, била донесена одлуката за основање дневен весник. За името на весникот имало три предлози, „Независна Македонија“, „Слободна Македонија“ и „Нова Македонија“. Најприфатливо било името „Нова Македонија“, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови и поинакви принципи и начела на раководење и живеење – пишува во настанот објавен од планинарското друштво „Х2О“.
Првиот број на „Нова Македонија“ е објавен на 29 октомври 1944 година, во селото Горно Врановци, каде што денес се наоѓа првата печатница, претворена во музеј. Весникот имал осум страници и бил испечатен во мал тираж, а бил дистрибуиран до бригади, штабови и многу здруженија.
– Јазикот, идентитетот и историјата не се за продажба. Никогаш не ни биле, затоа не смееме да си дозволиме да ги изгубиме или заборавиме. Во тоа име, јас и ПСК „Х2О“, заедно со пријателите од дневниот весник „Нова Македонија“, втора година по ред организираме планинарска акција до врвот Кале, со поаѓање и враќање во селото Горно Врановци. Се враќаме кон корените и идеалите на нашите предци преку југоисточниот срт на Јакупица-Јалоарник, Кале и Иванов Врв, во централниот дел на Македонија, на најголемиот македонски масив Мокра. Оти некаде по патот се загубивме. И талкаме и паѓаме во сѐ поголеми бездни – вели Ирена Диков, водич и иницијаторка на планинарската тура.
Патеката почнува од селото Горно Врановци (650 м), се движи кон запад, по патека што води низ нискостеблест предел до Острика (812 м), а потоа навлегува во густа букова шума, до изворот Невестинец (1.373 м), и преку Милевичка Река (1.572 м) излегува на срт и Корунов Сек (1.700 м).
– Продолжуваме кон југ по сртот кон Кале (2.112 м), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. На патеката моментално има два активни извори на вода. Враќањето е по истата патека – објаснува Диков.
Посета на музејот-печатница во селото Горно Врановци е предвидена на крајот на акцијата.
– Акцијата е од средно тешка до тешка, во зависност од кондициската подготвеност за долги тури. Бројот на учесниците е ограничен поради должината на патеката, планираниот крај на турата во денски услови и експонираните делови на самиот врв. Предност имаат пријавените учесници што се членови на ПСК „Х2О“ и заинтересирани планинари од Редакцијата на „Нова Македонија“ – потенцираат од ПСК „Х2О“.
Планинарски водичи се: Ирена Диков, Ана Момировска, Кире Коцев, Дарко Трајковски, Христифор Саракинов, Велимир Граоркоски, Владимир Хари Костовски, Љупчо Дебарлиев.