Едно од најголемите имиња на лондонската, европската и светската музичка сцена е бендот „Џем“, најмногу благодарение на лидерот, пејач, композитор, текстописец и гитарист Пол Велер. Бенд што доаѓа од предградието на Лондон. Произлегоа од почетното британско панк-движење од 1977 г. кога заедно со „Секс пистолс“ и „Клеш“ ги разбиваа воспоставените норми, табуата што беа претходно создадени. Велер го формираше бендот „Џем“ во 1975 г. заедно со тапанарот Рик Баклер, басистот Брус Фокстон и гитаристот Стиви Брукс, кој многу брзо ги напушти. Оттогаш, па до крајот тие остануваат тројка. Свират обработки, но и свои песни. Во 1977 го издаваат првенецот „In the city“. Се чувствува во песните дека авторот на најголемиот дел на песните, Велер, е под влијание на раните остварувања на бендовите „Кинкс“ и „Ху“. Албумот и сингловите постигнуваат многу голем успех, особено синглот „All Around the World“. Истата годинa го издаваат и „This is a modern World“, нивниот втор албум. Во Англија се неприкосновени, но САД и Европа не ги прифаќаат. Нивната турнеја во САД е тотално фијаско. Вториот албум е фасцинантен од повеќе аспекти, особено текстот на Пол Велер на песната „Eton Riffle“. „Итон колеџот“ е приватно училиште само за млади момчиња на возраст од 13 до 18 години, од кое подоцна произлегуваат британски премиери, принцови, градоначалници. Тука децата помеѓу другото ги учат и како да пукаат со огнено оружје. Во градот Итон, близу Виндзор, се случува протестен марш, организиран од работничкото движење. Тој судир на култури е дел од песната на Велер. Со тоа бендот „Џем“ добива посебен статус на заштитник на работничката класа, група свесна за тоа што се случува (на политичко, класно, социјално) и што сето тоа го коментара во своите текстови.
Уште две песни од овој албум се многу значајни, го погодуваат моментот, но и публиката: „A Bomb In Wardour Street“ и „Down In The Tube Station At Midnight“. Со третиот албум „All Mod cons“, Велер израснува и во музичка и во текстуална смисла, а корењата на сето тоа лежат длабоко во британската култура, со препознатливиот уличен сленг, што е и една од причините зошто не се широко прифатени надвор од Британија. Крајот на 1970-тите во Британија се случува враќање на МОД-движењето, а „Џем“ е иконата на ова движење. Во 1979 г. железната Маргарет Тачер станува премиерка, што, секако, се одразува на животот во Британија, но и на музиката преку која се слуша гласот на младите, изгубените, несфатените. Во оваа година е издаден и албумот „Setting Sons“. Со наредните албуми „Sound Affects“ од 1980 г. и „The Gift“ од 1982 г. бендот прераснува во полнокрвен британски поп-бенд. Синглот „Town Called Malice“ од 1982 г. станува неверојатен хит, нивен заштитен знак. Во 1992 г. го издаваат последниот албум „Dig the New Breed“ и во октомври истата година се расформираат. Образложението е дека на лидерот Велер му здодеал тој звук од две гитари и тапани. Новиот звук го создава со групата „Стајл каунсл“, но влијанието на „Џем“ останува неприкосновен.
Љупчо Давчев