Шарен, весел и во сите можни бои, вака изгледа таканаречениот допамински тренд во облеката, кој стана хит оваа сезона. Значи, колку повеќе бои и дезени – толку подобро, без разлика дали станува збор за облека или чевли. Има сѐ повеќе модни статии што го промовираат овој тренд за сезоната пролет/лето 2022 година, што значи облекување на начин што ви носи радост и ви го подигнува расположението.
Модните експерти решија со што повеќе бои да ја одбележат пролетната и претстојната летна сезона, која беше директно зафатена од пандемијата, со цел барем малку да внесат спокојство во нималку веселото секојдневие. Инаку, впечатливите бои на зелена, светлорозова, сина, виолетова не само што привлекуваат внимание туку докажано е и дека го подигаат расположението. Одамна е познато дека можеме да имаме психолошки врски со одредени бои. Текстурата и стилот можат да го подобрат расположението, а допаминскиот стил на облеката позитивно влијае на расположението, што е потврдено од научната студија на психолозите Хајо Адам и Адам Галински.
– Она што го носиме толку многу влијае на тоа како се чувствуваме што може да ги одреди нашите мисли – вели психологот Карен Пајн, која советува дека пролетта е вистинско време да ги замениме темните зимски бои и да внесеме спокојство во секојдневниот живот.
Истражувачите го нарекуваат ова „заокружено сознание“ и навистина откриле дека облеката може да има симболично значење што влијае на психологијата и перформансите на една личност. За многу луѓе, боите што ги опкружуваат може да имаат големо влијание врз психата, а историски, боите се користеле и за лекување. Античките цивилизации користеле хромотерапија или колорологија, која и денес се користи како холистички или алтернативен третман.
Психологот и мајстор за древениот тибетски систем за исцелување и урамнотежување на енергијата реики, д-р Елен Албертсон, истакнува дека, во контекст на реики, секоја боја има различна енергетска вибрација и е поврзана со специфичен енергетски центар во телото. На пример, црвената боја е поврзана со чувство на цврстина и сигурност, портокаловата со емоции и креативност, а темносината со интуиција.
– Зелената боја е смирувачка, така што носењето зелено може да направи да се чувствувате порелаксирано и помалку вознемирено. Сината е мирољубива, така што нејзиното носење може да ви помогне да се чувствувате помалку под стрес. Додека црвената е стимулирачка, а жолтата може да стимулира енергија – вели Албертсон.