Фото: Пиксабеј

Историјата и формирањето на Месечината ги збунуваа астрономите со векови. Сега научниците открија дека најголемиот сателит на нашата планета е 40 милиони години постар отколку што се мислеше, а ова откритие помага попрецизно да се одреди геолошкото потекло на Месечината.

Ситните кристали се сопственост на НАСА

Според Филип Хек, професор на Универзитетот во Чикаго, времето на формирање на Месечината е важно бидејќи дури потоа Земјата стана планета погодна за живот на која до денес може да постои живот.
– Месечината помага во стабилизирање на оската на ротација на Земјата. Плимата и осеката на Земјата и месечинската светлина влијаат на океаните и биосферата на Земјата. Месечината е причината поради која нашиот ден има 24 часа. Подоброто разбирање на нејзиното потекло е секако фасцинантна тема – вели Хек во изјава за „Њусвик“.
Денес, најприфатената теорија за потеклото на Месечината е дека пред повеќе од четири милијарди години, џиновски објект со големина на Марс удрил во Земјата и предизвикал нејзино пукање. Најголемиот од фрагментите формирани во тоа време станал бела сфера со кратери, каква што денес ја гледаме како Месечина. Но сè уште е мистерија кога точно се случило тоа.
Користејќи ги месечинските кристали од мисијата „Аполо“ во 1972 година, Хек и неговиот тим успеаја да го одредат ова попрецизно.
– Овие кристали се најстарите познати цврсти материи настанати по огромниот удар. И бидејќи знаеме колку се стари овие кристали, тие служат како водич за времето на формирање на Месечината – додава Хек.
Овие ситни кристали, кои се сопственост на НАСА, се пронајдени во примероци од лунарен прав и ги содржат минералот циркон и елементите силициум и кислород.
– Кристалите на циркон се вообичаени во карпестата кора на Земјата, Месечината, Марс и астероидите како што е Веста. Ги има во магматските карпи како што е гранитот. Цирконите се многу тврди и цврсти, така што можат да го преживеат распаѓањето на карпите. Затоа, можно е да се најдат во седименти и седиментни карпи. Кога се формираат циркони, тие можат да вградат ураниум во нивните кристали, но не и олово. Ова значи дека целото олово во цирконите доаѓа од распаѓањето на ураниумот – објаснува Хек.

Нема сомнеж за староста на цирконите

Неговиот тим ги проучувал кристалите атом по атом и можел да утврди колку атоми во кристалите биле подложени на овој процес на радиоактивно распаѓање. Ако се знае приближно колку време е потребно за да се случи ова распаѓање, оваа анализа може да се користи за прецизно одредување на времето на формирање на кристалите.
– По нашата анализа, нема сомнеж за староста на цирконите од 4,46 милијарди години. Бев многу среќен што видов дека со нашата нова студија староста на кристалите може да се одреди без сомнение – вели Хек.
Оваа студија беше објавена во списанието „Џиокемикал перспективс летерс“. Тоа покажува зошто собирањето примероци од вонземски дестинации може да биде корисно за идните генерации.
– Оваа студија е направена на примерок што бил собран и донесен на Земјата пред 51 година, во 1972 година. Тогаш научниците не можеле ниту да замислат какви видови анализи правиме денес. Можеме да собереме примерок и да го складираме со децении или подолго за идните генерации со најновите инструменти да можат да решаваат научни прашања – вели Хек.