По успешното тестирање на хеликоптерот „Инџенуити“ на Марс, американската вселенска агенција НАСА планира нешто многу поголемо и похрабро.
НАСА откри уникатен футуристички концепт за соларен електричен авион/летало со фиксни крила што ќе лета над површината на Марс. Концептот, наречен „Марс ериал енд граунд интелиџент експлорар“ или скратено МЕГИ, беше најавен како дел од Програмата за иновативни напредни концепти на НАСА (NIAC).
– МЕГИ е компактен авион со фиксни крилја и ултрависока продуктивност, што е иницирана од соларна енергија – наведуваат од НАСА.
Леталата од новата генерација ќе можат да извршат атмосферски мерења на Марс на глобално ниво, што ќе ја воведе новата ера на вселенската технологија. Концептот го предложи американската компанија „Кофлоу џет, ЛЛС“.
Мисијата на вселенското летало МЕГИ вклучува сеопфатна стратегија за истражување насочена кон откривање на мистериите поврзани со геофизиката на Марс, атмосферската хемија и потенцијалот на планетата да поддржува минат или сегашен живот. Собраните податоци ќе бидат од клучна важност за подобрување на нашето знаење за Марс и проширување на можностите за идни истражувања.
Леталото ќе може да прелета 179 километри на височина од 1.000 метри, со целосно наполнета батерија за 7,6 марсовски денови. Вкупниот досег во текот на годината на Марс ќе биде околу 16.048 километри.
За време на својата мисија, МЕГИ ќе изврши најмалку три опсежни атмосферски и геофизички истражувања. Собраните податоци ќе им помогнат на научниците подобро да ги разберат различните феномени на Марс. Целта на НАСА е да ги проучи потеклото и времето на настанување на јадрото на Марс, да го истражи изворот на сигналите на метан во кратерот Гејл и да го мапира подземниот мраз во средните географски ширини.