Срцето е еден од најважните органи во човечкото тело. Физичката неактивност и лошите навики, како што се мрсната храна, алкохолот и цигарите, многу го оштетуваат овој орган. Затоа се чини дека не е секогаш лесно да се грижите за него. Меѓутоа, како и во повеќето случаи кога станува збор за здравјето, некои мали навики можат да направат голема разлика.
Според Центарот за контрола и превенција на болести во САД, во таа земја на секои 40 секунди по едно лице доживува срцев удар, а дури 30 отсто од тие случаи завршуваат фатално. Податоците покажуваат дека дури 50 отсто од смртните случаи се случуваат дури и пред лицето да стигне во болница. Меѓутоа, едно истражување покажало дека спасот во тој момент е лутата пиперка.
Студијата на италијанските научници, објавена во „Џрнал оф американ колеџ оф кардиолоџи“, го испитувала ефектот на пиперките чили врз ризикот од смрт од срцев удар. Студијата опфати 22.800 испитаници, вклучувајќи мажи и жени. Анализирани се податоците за нивната здравствена состојба во периодот помеѓу 2005 и 2015 година.
Потоа биле испитани нивните навики во исхраната, според кои авторите на студијата дошле до интересен заклучок. Тие откриле дека луѓето што консумираат лути пиперки најмалку четири пати неделно имаат 40 отсто помал ризик да умрат од срцев удар отколку луѓето што не консумираат. Покрај тоа, се покажало дека луѓето што редовно ја консумирале оваа намирница имале 60 отсто помал ризик од смрт од мозочен удар во споредба со луѓето што не ја консумирале редовно. Сè уште не е точно утврдено зошто пиперките чили имаат позитивен ефект врз здравјето на срцето, но некои експерти веруваат дека за тоа можеби е одговорна состојката што им дава пикантност на пиперките – капсаицинот. Некои податоци покажуваат дека капсаициноидите (група супстанции што вклучуваат капсаицин) можат да имаат ефект врз функционирањето на тромбоцитите.
Кардиолозите, меѓутоа, истакнуваат дека не е доволно само да се додаде оваа намирница во исхрана што е инаку нездрава и штетна за срцето. Тие советуваат да се води сметка за исхраната воопшто, а пиперката може да се внесува само во неа.