Ако мислите дека знаете сè за правилната нега и одржување на кожата, можеби сега е време да ги преиспитате своите ставови. Постојат многу митови и заблуди за негата на кожата, а некои од нив може да имаат исклучително негативно влијание врз изгледот и здравјето. Затоа овој текст го посветивме на отфрлање на митовите што се вкорениле поради некоја причина. Значи, многу е важно од кого сте ги усвоиле навиките на досегашниот метод за нега на кожата. Некои жени добивале совет од својата баба или мајка, некои ги слушале своите пријатели или сестри. И сега се поставува прашањето кој е во право и чија кожа повеќе страда. Затоа е вистинско време конечно да престанете да верувате во митови и заблуди за негата на кожата.
Не е важно дали спиете со шминка
Некои жени признаваат дека понекогаш се премногу уморни за да ја отстранат шминката и темелно да го исчистат лицето пред спиење. Наместо да се посветат на тоа, тие веднаш ги облекуваат пижамите, се фрлаат во кревет и утрото го дочекуваат со пудра на перницата, залепени трепки и размачкана сенка за очи. Ова е најголемата можна грешка што можете да ја направите. Старата шминка ја задржува нечистотијата што се насобрала на лицето во текот на денот, ги затвора порите и ги задржува несаканите маснотии на кожата. Тоа значи дека ако спиете со шминка, ќе се изложите на ризик од сувост на кожата, несакани мозолчиња и предвремено стареење.
Брчките нема да се појават на добро хидрирана кожа
Досега веројатно сте биле во контакт со жени што отсекогаш се грижеле нивната кожа да биде хидрирана со соодветен крем. И навистина, по правило, овие жени имаат мазна и свежа кожа на лицето. Меѓутоа, тоа не е единствената тајна за прекрасниот изглед на нивната кожа. Хидратантните состојки во кремовите само ја задржуваат влагата, тие не прават ништо повеќе од тоа. За долготраен третман на брчките ви е потребен специјален производ со состојки што ги омекнуваат или елиминираат брчките. Во овој случај најдобро е да се консултирате со вашиот дерматолог. Ќе добиете препорака за крем против брчки според типот на вашата кожа. Но запомнете дека покрај кремот против брчки, треба да користите и хидратантен крем, за да ја одржите влажноста на кожата и да спречите таложење на штетни материи однадвор.
Чоколадото и мрсната храна предизвикуваат акни
Сигурно веќе сте ја слушнале теоријата дека оние што јадат брза и калорична храна, како и премногу слатки, имаат акни и мозолчиња од кои не можат да се ослободат. Сепак, вистината е дека не постои храна што конкретно предизвикува проблеми со кожата. Ниту едно чоколадо нема да создаде мозолчиња, но нездравата исхрана без доволно хранливи материи што му се потребни на целото тело ќе ги предизвика. Ако не пиете доволно течности и не консумирате здрава храна, тоа ќе се покаже на вашата кожа. Обидете се да вклучите повеќе овошје, зеленчук, риба, јаткасти плодови и храна богата со вода во вашата исхрана. Вашата кожа ќе ви биде благодарна и тоа брзо ќе се покаже на неа.
Ако вашата мајка на 60 години изгледала како да има 40, и вие ќе изгледате така
Ова е мит во кој веруваат многу жени, па затоа не почнуваат навреме да се грижат за својата кожа. Вистина е дека генетиката игра важна улога во здравјето на кожата, меѓутоа факторите како што се надворешните околности, исхраната и начинот на живот не треба да се игнорираат. Ако сте ја наследиле кожата на мајка ви и сте живееле живот сличен на нејзиниот, веројатно ќе изгледате како неа. Но ако вашите навики многу се разликуваат, прашање е како кожата ќе се справи со тоа. А има и друга страна. Ако кожата на вашата мајка ги изгубила својот квалитет и еластичност со текот на годините, тоа не значи дека и вие ќе го изгубите својот квалитет. Со соодветна и правилна грижа, можете да избегнете слаб квалитет на кожата и предвремени брчки.
Третманите се губење време, бидејќи сѐ можете да направите дома
Заблуда во која веруваат многу дами е дека можат да направат професионален третман на лицето во домашни услови, за да заштедат пари и време. Тоа е исто како да мислите дека и самите можете совршено да си ја потстрижите косата. Секако, невозможно е да го постигнете истиот ефект доколку правите домашен пилинг на лице и нанесувате маски за лице од парфимерии. Козметичарите имаат долгогодишно искуство со различни типови на кожа, купуваат специјални препарати и алатки за третмани. Професионален третман за лице ќе ја исчисти вашата кожа подлабоко и потемелно од која било купена или направена маска.