Aнгела Меркел (Фото Фејсбук/принтскрин)

Новиот германски канцелар, бидејќи има право да избира, одлучил неговото службено возило да биде од ергелата на „трикраката ѕвезда“ – суперблиндираниот „с 680 гард“

Ангела Меркел си замина, а во фотелјата на германскиот канцелар седна социјалдемократот Олаф Шолц и брзо одлучи неговиот службен автомобил да биде од ергелата на „мерцедес“, и тоа најдобриот и најскап. Станува збор за „с-680 гард“, вистинска тврдина на четири тркала, со мотор со снага од 612 коња. Германскиот магазин „Ауто мотор спорт“ наведува дека ова е најсилниот и најскап автомобил во кој досега се возел некој германски канцелар. Неговиот оклоп е толку јак, што според спецификациите, не му можат ништо ниту 12 килограми експлозив. За време на тестирањето на неговата издржливост, службениците на германската полиција истрелале 300 куршуми во возилото, по што поставените кукли во него не биле оштетени.

„Тенк“ маскиран во елегантна лимузина

Ваквиот „тенк“ што изгледа како елегантна лимузина е вистинска „канцеларија за канцеларот“, а поради заштитата тежи цели 4,2 тони, двапати повеќе од комерцијалниот модел од с-класата. Само ветробранското стакло е тешко 120 килограми. Заедно со врвната заштита на патниците, оди и солената цена од 550.000 евра. За овие пари, можат да се купат две возила од типот „мајбах 680“.

Од формирањето на Бундестагот во 1949 година до денес, Германија имала деветмина канцелари. Сите, според личните склоности, имале право самите да изберат која марка на автомобил ќе биде нивното превозно средство додека се на функција.
Како традиционално најголем производител на автомобили во Европа, никогаш не станало збор службеното возило на канцеларот да биде од странско потекло. Речиси половина век, од 1949 до 1998 година, владеел своевиден монопол на „Мерцедес“, кога се првите луѓе на државата во прашање.

Така, првиот повоен канцелар по поделбата на Германија на две држави, Конрад Аденауер, за време на 14-годишното владеење се возел во „мерцедес 300“, кој по него го добил прекарот „Аденауер“. За време на тригодишниот мандат, неговиот наследник Лудвг Ерхард не сменил ништо и продолжил да се вози во него.

Третиот канцелар Курт Георг Кисингер во периодот од 1966 до 1969 година се одлучил за малку повеќе луксуз и го избрал пространиот „мерцедес 600“. Овој модел бил и омиленото службено возило на Јосип Броз Тито, со тоа што југословенскиот маршал имал шест вакви автомобили, а едното било со подвижен покрив. За време на четиригодишниот мандат, социјалдемократот Вили Брант се возел во „мерцедес В108“ и тој беше последен што се возел во сериски произведен „мерцедес“.

Блиндиран „мерцедес“ за Хелмут Шмит

Кон средината на 1970-тите се надвиснале црни облаци над Сојузна Република Германија, имало закани од терористи, летале бомби и куршуми на сите страни. Никој не бил сигурен, а особено политичарите, па Хемут Шмит, за време на мандатот од 1974 до 1982 година, бил првиот од германските политичари што се возел во блиндиран автомобил, специјално адаптиран во „мерцедес“. Неговиот избор не бил многу голем, но подвижен автомобил „350 С“. За време на второто владеење на Хелмут Кол, службено возило на германскиот канцелар од 1982 до 1998 г. бил моделот „500 СЕЛ“. Но неговиот министер за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер се возел во сличен, но многу полуксузен и поскап модел „600 СЕЛ“, за кој многумина сметаат дека е најдобрата лимузина што ја произвела компанијата „Мерцедес“.

Олаф Шолц (Фото EPA-EFE/ D. S.)

Возилата „мерцедес“ сменети со „фолксваген“ и „ауди“

Герхард Шредер, како претседател на Владата ја прекинал долгата традиција и наместо „мерцедес“ избрал „фетон“, кој во 1998 година стана првиот автомобил од марката „фолксваген“ избран за службено возило на некој германски канцелар.
Најмоќната политичарка во историјата на Германија, Ангела Меркел, за главно службено возило избра блиндирано „ауди А8 Л В 12“, кое го користела најчесто. Во својата ера на долго владеење, таа повремено користела и БМВ од серијата 7, но и блиндиран „мерцедес“ од с-класа.

„Мерцедес 680 гард“ (Фото Фејсбук)