Тешко е да се претпостават мотивите и причините поради кои Крали Марко толку многу ја инспирирал македонската усна поетска и наративна традиција, но причините секако треба да се бараат во некои од неговите дела, кои исто така своја основа наоѓаат во детали од неговата животна историја.
Знаменитостите на Македонија
Преданијата за Крали Марко во Македонија имаат извонредно големо значење за културата на Република Македонија. Со оглед на тоа што Крали Марко бил историска личност за која се знае годината на раѓање, смртта и владеење во Македонија, може да се претпостави и староста на преданијата, кои потекнуваат некаде од крајот на 14 и почетокот на 15 век.
Најголема концентрација на усно раскажани преданија за Крали Марко има во Прилеп
Најголема концентрација на усно раскажани преданија за Крали Марко има во Прилеп и неговата околина, со оглед на тоа дека историски гледано тука било и неговата престолнина. Оттука потекнуваат преданијата за Маркови Кули и Маркова Нога, но и преданијата поврзани со зачнувањето на Марко од змев, задојувањето на Марко од самовила, коњот и сабјата на Марко Крале и други. Но факт е дека е огромен бројот на преданијата и легендите што се мошне чести безмалку на целата денешна територија на Македонија. Сепак, што се однесува на нивното потекло можат да се забележат преданија со местен карактер во Охридско-Струшкиот Регион, Струмичкиот, Кичевскиот и Кумановскиот Регион, особено такви што објаснуваат одреден местен топоним.
На пример, во Струмичко постојат топоними поврзани со Крали Марко околу кои се раскажуваат преданија на пример: Марков Рид (Самуилово), Марков Ров (Стиник), Маркова Лака (Старо Коњарево), Маркова Матица (Муртино), Маркова Река (Раборци), Маркова Чешма (Нивичино), Марков Врв (Куклиш) и др. Во Кичевско има топоним Марков Камен (Малковец), месност Маркулија (Србица), Маркова Стапалка (Кнежино и Осој), Маркои Копита (Раштани), Маркова нива (Ижиште). Безмалку нема поширока географска област или регион во Македонија каде што нема некој топоним поврзан со името на Крали Марко и предание поврзано со таквиот топоним. Токму од тие причини преданијата за Крали Марко се смета дека се најавтентични месни преданија во македонскиот фолклор.
Опис на преданијата за Крали Марко
Преданијата за Крали Марко се базирани врз два вида информации: писмени (историски) и усни (фолклорни). Според историските податоци, Крали Марко бил историска личност, роден некаде околу 1334-1335 година, како син на кралот Волкашин, по потекло од српската династија Мрњавчевиќ, и кралицата Елена. Тој имал и тројца браќа, Андријаш, Иваниш и Димитриј, и две сестри, Оливера и Милица. Се претпоставува дека Крали Марко станал крал на Македонија по Маричката битка во 1371 година, кога во битката против Османската Империја загинал неговиот татко и кога тој бил крунисан за „млад крал“ (според записот на Призренската црква од 1371 година), во услови кога царот Урош од Немањичката династија и деспотот Јован Углеша, брат на Волкашин од веќе споменатата Мрњачевичка династија, немале машки наследник. Волкашин и Марко биле кралеви на Mакедонија со престолнина во Прилеп некаде во втората половина на 14 век: Волкашин (1365-1371), а Марко (1371-1395). Со прецизност се знае дека Крали Марко починал на 17 мај 1395, во битката кај Ровине, каде што се борел на страната на турскиот султан Бајазит I, а против влашкиот војвода Јован Мирчеа. Според некои податоци, се смета дека неговото тело е закопано во Марковиот манастир близу Скопје.
Со одлука на Владата на Република Македонија, преданијата за Крали Марко се значајно нематеријално (духовно) културно наследство и се прогласени за културно наследство како добро со особено значење, односно исклучително
Тешко е да се претпостават мотивите и причините поради кои Крали Марко толку многу ја инспирирал македонската усна поетска и наративна традиција, но причините секако треба да се бараат во некои од неговите дела, кои исто така своја основа наоѓаат во детали од неговата животна историја. Некои од причините можеби лежат токму во неговото спротивставување не само кон српските властодршци (Немањичката династија) туку и во определeн период и кон Османлиското Царство, иако е познато дека тој станал турски вазал веднаш по Маричката битка и учествувал на страната на Османлиите во битките против другите народи на Балканот. Сепак има и податоци (опсадите на Битола и на Прилеп во 1385 година) што зборуваат во прилог на една независност и автономија на Македонија од Османлиите, но и од Србите, што се огледа во разликите помеѓу српската Пеќска патријаршија (што го поддржуваше кнезот Лазар) и Охридската архиепископија (што стоеше зад Крали Марко и неговата држава).
Можно е во тој период македонскиот народ што живеел во неговотo кралство да се чувствувал заштитено и сигурно од опасностите што доаѓале и од север и од исток. Од друга страна, народната фолклорна традиција своја инспирација, особено во песните и преданијата, наоѓала не само во битките што Марко ги водел еднакво и со непријателите од исток (Црна Арапина или Муса Кесеџија) туку и во неговата лична биографија. Имено, Крали Марко бил женет за Елена, ќерката на Радослав Хлапен, со која се разделил уште пред Маричката битка. Подоцна се преженил за Теодора, што му ја зел на Гргур Бранковиќ, која подоцна му ја дал на дедо му Радослав и себеси си ја вратил повторно својата првовенчана жена Елена. Но набрзо потоа Елена се премажила за албанскиот благородник Јован Спат.
Покрај вака навидум комплицираниот брак, од кој не се знае дали имал пород и наследник, како основа за преданијата послужиле и судбините на неговите браќа и неговата мајка, за која во историографијата исто така има контрадикторни податоци. Сиве овие историски податоци даваат добра основа за ширење еден одреден историски, но и фолклористички мит за непобедливоста во битките на јунакот Крали Марко. Д.Ст.
Усните преданија за Крали Марко
Усните преданија за Крали Марко можат да придонесат не само за расветлување некои историски моменти од неговиот живот туку и да ја отсликаат митската вообразба што македонскиот народ ја создавал поврзано со неговиот лик. Во македонската фолклористика има направено одредена класификација на преданијата за Крали Марко, која е направена од д-р Кирил Пенушлиски, кој ги групирал преданијата за Крали Марко од македонските народни умотворби собрани од македонскиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.
Според распределбата, преданијата за Крали Марко се делат на: животописни (преданија што се однесуваат на животот на Кралот Марко) и месни (преданија што се однесуваат на одредени локалитети поврзани со неговото име). Додека животописните преданија за Крали Марко поседуваат меѓународни мотиви, како што се чудесното раѓање, добивањето и губењето на силата, оружјето и коњот, месните преданија имаат национални белези и нив навистина можеме да ги сметаме за типично македонски преданија.
Најкарактеристични месни градби поврзани со појави во природата се таканаречените топоономастички преданија. Додека описот на дејствата и натприродните особини на Крали Марко (огромна натчовечка сила, волшебните дејства, чудесното раѓање и др.) може да се смета како одлика од меѓународен карактер и можеме да го најдеме и во рамките на приказните за него кај другите балкански народи. Наративните елементи во кои се зборува за поврзаноста на Крали Марко со одредена месна топографија и топонимија се сметаат за изворни и од национален карактер. И токму овој местен карактер на преданијата за Крали Марко придонесува кон заокружување една одредена првоначална мисла или филозофија на македонскиот народ што се разликува од балканските соседи.